1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема да има драматични промени на европската политика на Меркел

Кристоф Хаселбах / Елизабета М. Фиданоска16 јануари 2014

Кризата во Европа промени многу работи. Таа ја промени и политиката на германската канцеларка. Наместо да се концентрира на Париз, Меркел денес гради разнолика мрежа на односи.

https://p.dw.com/p/1Arb4
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога Германија и Франција минатата година ја славеа 50-годишнината од Елисејскиот договор, германскиот претседател Јоахим Гаук рече дека „не познава други две земји со толку густа и трајно силна мрежа од лични и институционални односи“. Убавата реченица меѓутоа не можеше да го покрие фактот дека односите меѓу двете земји на владино ниво се заладени со години. Дури и поранешниот француски премиер Алан Жипе, во септември 2013 година, во интервју за Дојче веле рече: „Француско-германската соработка не лежи само на рози. Имаме и конфликти.“

Германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Оланд одеа по различни, а понекогаш дури и спротивставени патишта, најмногу во делот на економската и буџетска политика. Меркел се залага за конкурентност и глобализација, Оланд пак е за државни којунктурни програми. И додека Германија во кризата доби прилично на стабилност, Франција се‘ повеќе заостанува. Дури сега, на 14 јануари, Оланд најави спектакуларна промена на курсот со растоварување на економијата и заштеди во јавниот сектор. Германската влада ќе чека напрегнато да види дали по зборовите ќе следат и дела. Во секој случај, економската слабост на Франција досега беше проблем за Германија. На Берлин му недостига силен партнер во Европа. А колку повеќе Германија во кризата настапува како водач, дотолку посилни се обвинувањата за германски самостојни потези.

EU-Gipfel Francois Hollande und Angela Merkel
Меркел и Оланд одеа по различни, често и спротивставени патиштаФотографија: Lionel Bonaventure/AFP/Getty Images

Меркел е високо ценета во Полска

Има повеќе работи кои зборуваат дека Меркел од поодамна го диверзифицира својот избор на партнери во Европа. Таа, на пример, работи на потесни контакти со полската влада и би можела да се обиде да го „истурка“ полскиот премиер Доналд Туск до некоја висока европска функција. Бартош Дудек, раководител на полската редакција на Дојче веле, оценува дека лошите односи на Германија и Франција во моментив се една од причините „што Германија бара други партнери во рамки на ЕУ, а Полска одговара добро во ваквата шема“. Туск не само што е лично близок со Меркел, туку и‘ е и политички близок.

Merkel und Tusk in Berlin Buchvorstellung
Меркел и ТускФотографија: John Macdougall/AFP/Getty Images

Дудек укажува на позицијата на Полска како важна земја во Централноисточна Европа и на фактот дека земјата особено добро се избори со кризата. Во истражувањата на јавното мислење во Полска, Меркел со години е во врвот на листата на странски политичари. Сепак, германските напори околу Полска, во никој случај не се замена за Франција, оценува Јанис Емануилидис, политиколог во Центарот за европска политика во Брисел. „Германско-францускиот сојуз не може да се замени, туку се работи за тоа дека се неопходни и други стратешки односи.“

Приватниот излет на Камерон

Меркел меѓутоа, без притоа да привлече којзнае какво внимание на јавноста, ги пушта своите „краци“ и во насока на британската влада на Дејвид Камерон. Камерон дури, пролетта 2013-та, имаше ретка чест да мине еден викенд со целото семејство на гости кај Меркел и нејзинот сопруг во близина на Берлин. Оланд досега попусто чека на ваква покана, со која и да е партнерка. Мартин Каланан, европратеник од редовите на британските конзервативци, оценува дека ваквата покана е логична. Тој за ДВ оценува дека Меркел и Камерон се блиски по многу политички прашања, а тоа има последици за Европа. „Обединетото кралство и Германија се‘ повеќе преземаат еден вид заедничко раководство во Северна Европа, додека Франција станува духовен водач на Јужна Европа. И иако Франција и Германија се географски соседи, тие сигурно веќе не се и идеолошки соседи.“

David Cameron und Angela Merkel
Германската канцеларка го покани британскиот премиер на приватна посета во БерлинФотографија: Bertrand Langlois/AFP/Getty Images

Но соработката на Берлин и Лондон има граници, смета Емануилидис. „Проблемот е што Лондон самиот се носи во офсајд. Оттука, Лондон е важен, но односите со Париз се поважни, па со Франција мора да се коваат компромиси ако се сака спроведување на некои работи на европско ниво.“

Во секој случај, паѓа в очи дека Меркел во Европа не се потпира безусловно и само на Франција, како што тоа го правеа некои нејзини претходници. И, нова од почетокот на кризата е и неформалната алијанса на финансиски солидните земји на северот на ЕУ. Финска, Шведска, Холандија или Австрија - сите сакаат нивната помош за презадолжените земји на југот да не биде залудна. Затоа заеднички вршат притисок за реформи и за штедење. Нанадвор, меѓутоа, често работите изгледаат како само Германија да е „дресер“ на Европа.

Grenzen in Europa
Промени не се очекуваатФотографија: picture alliance/Romain Fellens

Но заедничките интереси не смеат да доведат до спротивставеност север против југ, и‘ советува Еманулидис на канцеларката. „Мислам дека алијанса на северот контра југот никому не му носи ништо. Особено од перспектива на Берлин, такво нешто треба да се избегнува најмногу што е можно.“ Такво поедноставување на работите, смета политикологот, не одговара воопшто ниту на реалноста, во која испреплетеноста на односите е едноставно „покомплексна“.

Тоа е и заклучокот околу европската политика на Меркел. Таа стана покомплексна, се диверзифицираше, а алијансите се менуваат согласно ситуацијата. Но едно е сигурно - драматични промени во европската политика нема да има ниту за време на третиот мандат на Меркел.