1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема договор за Косово

Елизабета Милошевска Фиданоска28 ноември 2007

Очекуваното се оствари - Белград и Приштина не постигнаа договор за статусот на Косово. Но, и изразиле желба да биде избегнато насилство. Kако учесниците во преговорите ги дефинираа резултатите и идните потези?

https://p.dw.com/p/CU7E
ПриштинаФотографија: picture-alliance/ dpa

Ова е крај на преговорите, статусот кво е неодржлив и прашањето на Косово наскоро ќе биде решено - со овие повеќе од јасни зборови, американскиот претставник во преговарачката тројка на Контакт групата, Френк Визнер, ги билансираше преговорите што три дена се водеа во Баден. Косовското прашање е тешко прашање, но тројката направила се‘ што е во нејзина моќ, соопшти Визнер, а неговиот колега во преговарачката тројка од ЕУ, Волфганг Ишингер, тоа го формулираше вака: „Ништо, навистина не остана ништо што не е пробано. Ова беше обемен, сериозен, грижливо воден и професионален преговарачки процес, кој ги понуди сите можности за постигнување компромис.“

Ишингер го прочита соопштението на Тројката по преговорите, во кое се вели и дека на состаноците меѓународните преговарачи ја повториле важноста за одржување на мирот, избегнување обиди да се поттикне насилство и загрозување на безбедноста. Тоа страните во преговорите веднаш го прифатиле и јасно изразиле желба да се избегне насилство.

Русија сака и натаму преговори

Sava Tempel Belgrad
БелградФотографија: DW

Рускиот претставник во тројката, Александар Боцан Харченко, изрази уверување дека тројката го водела процесот најдобро што можела и подвлече дека Русија е и натаму за продолжување на преговорите. За однесувањето на САД во случај Косово да прогласи незваисност, Визнер не сакаше да шпекулира, но предупреди дека сега мирот во регионот е доведен во прашање и дека проблемот мора да се реши. Ишингер, пак, беше оптимист. Тој рече дека е лично убеден оти ЕУ ќе биде во можност да остане единствена околу проблемот на Косово. Тој додаде дека без оглед на тоа што ќе се случува по 10 декември, тоа ќе се одрази на регионот.

На трети декември - тројката во Белград и Приштина

Тројката на трети декември ќе ги посети Белград и Приштина за да го разгледа со страните во конфликтот извештајот што на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун треба да му го поднесе на 10 декември.

Alltag in der serbischen Provinz Kosovo
КосовоФотографија: picture-alliance/ dpa

Приштинските преговарачи денеска изразија жалење што не е постигнат договор и најавија дека наскоро ќе биде прогласена независност на Косово. Косовскиот претседател, Фатмир Сејдиу рече: “Нагласивме дека за независност на Косово е алфа и омега на нашата позиција.“

Според приштинската делегација, ќе биде почитувана меѓународната агенда до 10 декември, а потоа ќе следуваат акции во координација со Брисел и Вашингтон.


Српскиот претседател, Борис Тадиќ, повтори дека Србија не прифаќа независност на Косово: “Србија не прифаќа независност на Косово и ќе отрфли секаков акт за независност на Косово, ќе поништи таков акт и ќе ги примени сите правни и дипломатски средства во одбрана на сопствените легитимни национални и државни интереси.“