1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема докази за хајка против странци во Кемниц?

ЖА / агенции
7 септември 2018

Видеата на кои се гледа „лов“ на странци во Кемниц, според шефот на Службата за заштита на уставниот поредок во Германија, можеби не се автентични, туку целно пласирани лажни вести. Изјавите на Масен наидоа на критики

https://p.dw.com/p/34Sf4
Chemnitz Demo gegen Migranten
Фотографија: Getty Images/O. Andersen

Претседателот на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, Ханс-Георг Масен изрази сомнеж во вистински извршена хајка против странци за време на десничарските демонстрации во градот Кемниц. Мас е скептичен кон медиумските извештаи, неговата служба нема непобитни информации дека бил вршен „лов“ на луѓе чија надворешност укажува на мигрантско потекло, изјави тој во интервју за весникот „Билд“. Во врска со видео-снимките, на кои наводно се гледаат сцени на бркање странци близу Јоханис-плоштадот во Кемниц, Мас тврди: „Не постојат никакви докази за автентичност на видеата кои курсираат на интернет за овие наводни инциденти.“

Hans-Georg Maaßen
Шефот на Службата за заштита на уставниот поредок, Ханс- Георг МасФотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Претпазлива оценка на Мас е дека „постојат добри причини да се верува во намерно ширење лажна информација, можеби со цел да се одвлече вниманието на јавноста од убиството во Кемниц.“

Изјавите на шефот на Сојузната служба за заштита на уставот можат да значат ново потхранување на дебатата околу случувањата во Кемниц. Терминот „хајка“ меѓу другите го употреби и германската канцеларка Ангела Меркел. Покраинскиот премиер на Саксонија, Михаел Кречмер, од нејзината Христијанскпо-демократска партија, во средата ѝ противречеше на Меркел во својата владина изјава во покраинскиот парламент. Настаните во Кемниц треба да добијат правилен опис и оценка, но „јасно е едно: немаше шиканирачки џган, никакви хајки и никакви погроми,“ истакна Кречмер.

Повеќе политичари ги критикуваа изјавите на Масен. Вицепретседателот на Бундестагот, Томас Оперман од СПД истакна: „Видовме видеа, фотографии, чувме сведоци. Видовме како луѓе ја креваат раката за Хитлеров поздрав јавно, на улица и пред камери. И група наши сопартијци беше нападната.“ Оперман побара државата да ги сузбие ваквите појави, а една од службите задолжена за тоа е и онаа на чие чело е Масен.

Шефот на пратеничката група на Зелените во Бундестагот, Антон Хофрајтер обвини дека со своите непрецизни изјави, Масен создава впечаток за свесна желба за минимизирање на инцидентите во Кемниц и одвратување од проблемот со десничарскиот екстремизам.  

Повеќе:

Победа на поени за десницата: Меркел предоцна оди во Кемниц

Одбрана на демократијата во Германија, АФД под надзор!

По убиството на 35-годишен Германец во Кемниц, во изминатите денови во градот во повеќе наврати беа организирани демонстрации од страна на десничарски групи, на кои се случија напади врз странци и новинари.

Во врска со убиството се притворени двајца мажи по потекло од Сирија и од Ирак, а по трет осомничен се трага.