1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема место за десниот екстремизам во спортот

26 јануари 2011

Минатата недела во Германија започна голема заедничка акција на спортистите и политичарите против десниот екстремизам во спортот. Акцијата не е насочена само кон јавниот, туку и кон прикриениот екстремизам.

https://p.dw.com/p/101d8
Фотографија: picture alliance/dpa

Аријане Фридрих е една од бројните спортистки која ја поддржува новата кампања под мотото „Заедно против десничарскиот екстремизам“. Ангажманот на спортистите е многу значаен затоа што тие важат за пример во општеството.

„Дотолку е поопасно кога некој тренер, на пример, отворено заговара десничарски пароли и провоцира против странците. Лесно е да се влијае врз децата и младите и не смееме да дозволиме таквите луѓе во спортските здруженија да добиваат платформа за изнесување на своите ставови“, изјави германската министерка за семејство и млади Кристина Шредер.

Pressestatement de Maiziere zu verdächtigem Paket im Kanzleramt
Министерот за внатрешни работи Томас де МезиеФотографија: dapd

Таа е иницијатор на кампањата, заедно со првите луѓе на Олимпискиот комитет и на фудбалската федерација. Кампањата ја поддржа и министерот за внатрешни работи Томас Де Мезие.

„Нема да успееме да го опфатиме целото општество или сите спортски здруженија, но сепак, благодарение на интернетот, спотовите и другите активности, нашата порака ќе допре до многумина. Не треба да се заборави дека речиси половината од младите на возраст меѓу 15 и 26 години се членови на спортски здруженија. Би било глупаво кога не би ја искористиле таа можност за да им се обратиме“, рече Де Мезие.

Невладините организации задоволни од акцијата

Ана Кирхнер од покраинската организација на Тирингија е задоволна, бидејќи нејзината организација веќе долго се бори против влијанието на екстремната десница и работи на едукација на локалните спортски здруженија и ги советува при селекцијата на одредени тренери или членови.

„Ова е многу важен сигнал, кој укажува на тоа дека и спортот треба да понесе одговорност во општеството. Но, за одредени проекти, потребна ни е помош и од политиката“, вели Кирхнер.

Автор: Надин Војчик/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска