1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема олимписки мир во Украина

Кристијан Трипе/превод: Ж.А.12 август 2016

Сака ли Русија да ја нападне Украина, да води отворена војна за освојување на територија како копнен мост до Крим? Не, смета Кристијан Трипе, рускиот претседател Владимир Путин игра двојна игра околу Укарина.

https://p.dw.com/p/1JgvU
Фотографија: picture alliance/AP Photo/Evgeniy Maloletka

Руската амбасада во Киев е запуштена, дипломатите се заминати, тука се само уште стражарите. Неодамна пропадна доаѓањето на новиот руски амбасадор откако украинската влада одби да му издаде акредитиви. Во Москва пак со месеци нема амбасадор од Киев. Де факто, моментно нема дипломатски односи меѓу двете земји - притоа, без официјално да е прогласено раскинување.

Доаѓа ли „големата“ војна?

Во оваа дипломатски нејасна ситуација, песимистите би можеле да видат знак за претстојна „голема“ војна меѓу двете држави. Навистина, има неколку индиции. Така, борбите на линијата на разграничување во источниот дел од ден во ден се заоструваат. Мировната спогодба од Минск стана само едно крваво безвредно парче хартија. Набљудувачите известуваат за трупање тешко вооружување на фронтот. Воените експерти во Русија и земјите од НАТО зборуваат за движење на руски воени групации во граничното подрачје. Се зборува за „прегрупирање“ или престројување. И едното и другото звучи застрашувачки.

Згора на тоа, дојде и тврдењето: руската тајна служба ФСБ наводно спречила терористичка операција на Украинците на полуостровот Крим, во текот нанаводната украинска агресија смртно настрадале двајца Руси. Рускиот претседател Владимир Путин веднаш изведе заклучок - нема да се придржува кон Спогодбата од Минск. Бара ли Русија само изговор за да тргне во акција?

alt - bitte stattdessen 43082159 verwenden
Кристијан ТрипеФотографија: DW

Зар и војната на Русија против Грузија, точно пред осум години, не изби исто така во август? Дали и тогаш вниманието на светската јавност не беше свртено поради Олимписките игри? Зар Западот не изгледа како парализиран - САД во изборна борба, Европејците ослабени? Кога, ако не сега? Ова прашање би можеле да го поставуваат тврдолинијашите во Кремљ, капејќи се во своите експанзионистички страсти. Зашто, од нивното големоруско империјалистичко гледиште, анексијата на полуостровот Крим и прикриената воена поддршка на сепаратистите во Донбас сигурно не би требало да бидат последниот збор.

Расипана забава за Денот на независноста

Од таквите нагаѓања, интерпретации на воените и факти поврзани со борбите во источна Украина, настанува коктел со вкус на воен страв. Смрдеата на мешавината произведена во Кремљ, во Киев предизвикува страв, а во Брисел, Берлин и Париз мачнина. Зашто, Путин очигледно сака со помош на воени закани да стане господар на сите процеси кои наскоро би биле одлучувачки за судбината на Украина. Но, руското раководство може да ја загуби оваа позиција на моќ ако заради еден копнен мост во источна Украина ризикува отворена војна. Економските санкции на Западот веројатно би биле заострени, а руската економија натамошно би слабеела.

Затоа, Русија засега останува само на закани и подбуцнување. На 24 август Украина слави четвртина век од независноста од Москва. Очигледно, моќниците од Кремљ сакаат вистински да им ја расипат забавата на Украинците.