1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема „план Б“ за „денот Д“ за Грција

28 јуни 2011

Во Грција во тек е 48-часовен штрајк против новите мерки за штедење на владата за кои утре треба да гласа парламентот во Атина. Отпорот против пакетот во земјата е огромен, но ЕУ повторно порача дека „нема план Б“!

https://p.dw.com/p/11kmG
Туристи од Австралија залудно чекаат на бротски превозФотографија: dapd

Атина еден ден пред одлуката. Десетици илјади Грци повторно се излезени на улиците. Извикуваат „долу влада“, незадоволни од тоа што новиот кабинет на премиерот Јоргос Папандреу сака да им наметне нова програма за штедење тешка 78 милијарди евра: „Ние се спротивставуваме на тоа што имаат намера да ни‘ го направат. Програмата за штедење е наша пропаст. Таа ќе предизвика големи последици за сите социјални слоеви“, вели една демонстрантка.

„Владата ни објави војна“

Griechenland Athen Bahnverkehr
Не сообраќаат ниту возовитеФотографија: picture alliance/dpa

Во надеж дека ќе го спречат тоа во последна секунда, Грците два дена нема да работат. Меѓу штрајкувачите се и контролорите на летање. Последица - многу летови се откажани. И на пристаништето во Пиреја не се случува речиси ништо. Се’ повеќе Грци се приклучуваат кон штрајкот и со тоа го зголемуваат дополнително притисокот врз нивната влада: „Владата ни‘ објави војна и ние одговараме со војна“, вели еден штрајкувач.

Големо полициско обезбедување денеска има пред зградата на парламентот во Атина. Таму од вчера се расправа за новиот пакет за штедење, предложен од владата. Премиерот Папандреу притоа уште еднаш ги повика пратениците да го усвојат пакетот: „Програмата за штедење е единствената шанса за нашата земја повторно да застане на нозе.“

Притисокот врз владата е огромен

Доколку на утрешното гласање пакетот не биде усвоен поради спротивставувањето на опозицијата, повеќе нема да има ниту парична помош од ЕУ. Тоа денеска уште еднаш беше јасно порачано во Брисел. Прифаќањето на планот за штедење од страна на грчкиот Парламент е единствен начин Грција да избегне банкрот, не постои „план Б“, предупреди денеска во Брисел еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен.

Грција е пред тежок тест. Притисокот врз владата е огромен. Во наредните денови или часови таа мора конечно да ги зацрта насоките за иднината на земјата.

Автор: Инга Зиг/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска