1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема поддршка за гранични контроли во Шенген

Кристоф Хаселбах / Александар Методијев27 април 2012

Нема поддршка меѓу европските министри за внатрешни работи за француско-германскиот предлог за гранични контроли во Шенген зоната. Предлогот е оценет како популистички.

https://p.dw.com/p/14lgx
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Од пред неколку години нешто почна да се менува во значајното постигнување во Европа – слободното патување во Шенген зоната. Многу влади почнаа да стравуваат од неконтролирани прелевања на бегалци. Тие ја обвинуваат Грција дека не ги обезбедува надворешните граници на ЕУ и дозволува од таму мигрантите да преминат во останатите земји од Шенген зоната. Неодамна францускиот министер за внатрешни работи Клод Геан и неговиот германски колега Ханс-Петер Фридрих преку заедничко писмо побараа во исклучителни случаи секоја од државите во Шенген зоната да воведе гранични контроли во траење од 30 дена. Минатото лето тоа привремено го направи Данска и предизвика бура на осуди. Новиот предлог нема врска со тоа, рече Фридрих вчера во Луксембург.

„Данска беше нешто сосема друго. Данците сакаа привремено да воведат гранични контроли и тоа без основа. Тоа не е прифатливо. Ова не треба да се поврзува со слободата на патување. Сакаме да се справиме со итните случаи кои во минатото не беа подредени на правни основи со јасни критериуми. Не прифаќаме единствена одговорност на Европската комисија, бидејќи секоја земја мора да ги осигура безбедносните и внатрешнополитички прашања кои се однесуваат на безбедноста на своите граѓани“, рече германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих.

Frankreich Innenminister Claude Gueant
Клод ГеанФотографија: picture alliance/dpa

Контроли во посебни случаи

И до сега беа можни еднострани гранични контроли, но само при „сериозна закана за јавниот ред и безбедноста“. Според мислењето на Комисијата и Европскиот парламент моменталните бегалски пранови не претставуваат таква закана. Фридрих и Геан сакаат ова правило да се промени.

Комесарката за внатрешни работи на ЕУ Сесилија Малмстром смета дека поделбата на надлежностите е несоодветно.

„Она што е неопходно во Шенген е европски механизам, бидејќи Шенген е европски проект. Комисијата ги нема променето позициите за ова прашање“, рече Малмстром.

Предлогот на еврокомесарката за внатрешни работи е, на пример, земјата да смее без дозвола да воведе само петдневни гранични контроли во „непредвидливи итни случаи“, како терористички напади или природни катастрофи. За можно продолжување би требало да се разговара на европско ниво.

Предлогот има за цел поддршка на Саркози

Во однос на мигрантите, Малмстром останува на клучната улога на Комисијата, со цел да се спречи самостојно носење на популистички одлуки. За луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн фрнацуско-германскиот предлог за реформи во Шенген доаѓа во средина на популистичката изборна кампања во Франција.

Innenminister Deutschland Hans-Peter Friedrich
Ханс Петер ФридрихФотографија: picture alliance/dpa

„Шенген е премногу значаен за да се злоупотребува во предизборната кампања“, рече Малмстром.

Но, германскиот министер за внатрешни работи негира дека предлогот е поврзан со поддршка за францускиот претседател Никола Саркози во изборната битка. И францускиот министер за внатрешни работи сака да се дистанцира од обвинувањата за популизам.

„Ние го регулираме ова за граѓаните, а граѓаните во Франција се многу загрижени за илегалната миграција. Мораме сериозно да ги земемем в предвид овие грижи“, рече Клод Геан.

Временската рамка за реформи во Шенген во секој случај остава сомнеж дека француско-германското писмо намерно е објавено пред првиот круг на француските претседателски избори. Од претходно беше јасно дека министрите за внатрешни работи најрано во јуни би зборувале за реформи во Шенген, а не сега.