1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема поддршка за идејата за голема коалиција

4 јули 2009

Иницијативата на НСДП и Тито Петковски за формирање влада на национално единство во Македонија не наидува на поддршка кај останатите политички партии.

https://p.dw.com/p/Ih7b
НСДПФотографија: Petar Stojanovski

ВМРО ДПМНЕ ја отфрли идејата со оценка дека е дел од сценариото за дестабилизирање на земјата и со прашање кои се спонзорите кои се кријат зад неа. Портпаролот Илија Димовски повтори дека ВМРО ДПМНЕ одамна предупредува на сценарија за нарушување на меѓуетничките односи и дестабилизација во владината коалиција. Според него, играчите во сценариото се предводени од СДСМ, потоа од партија поранешен коалиционер на ВМРО ДПМНЕ и една албанска партија.

И опозицијата е против идејата

Но, согласност за иницијативата на Петковски нема ни кај опозицијата. СДСМ ја нарекува крајно несоодветна и несериозна. СДСМ не сака да преземе врз свој грб дел од одговорноста за сегашната состојба во земјата, за која вината ја гледа кај ВМРО ДПМНЕ како носител на апсолутна власт. Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски денеска во Охрид го потврди и дополни вчерашното изјаснување на потпретседателот Зоран Заев: „ВМРО ДПМНЕ и премиерот Никола Груевски побараа и добија мандат од граѓаните и имаат апсолутно мнозинство во владата и во Парламентот, како и најголем дел од градоначалниците во Македонија. Затоа целокупната одговорност за решавање на проблемите е во нивни раце и тие треба да испорачаат резултати. Било какви иницијативи за некакви влади за национален спас се контрапродуктивни и за СДСМ се неприфатливи. Ова е период во кој треба да се работи, власта да ги решава проблемите, а опозицијата на конструктивен начин да врши притисок врз власта тоа да се случи“, изјави Црвенковски.

Опозицијата е секогаш подготвена за уривање на владата, но треба да се одбере вистинскиот момент за таква иницијатива, е ставот на ЛДП, кој го пренесе нејзиниот претседател Јован Манасиевски.

Петковски предлага формирање влада на национално единство

Лидерот на НСДП Тито Петковски вчера излезе со предлог до премиерот Никола Груевски да формира влада на национално единство како патриотски чин во насока на градење политички консензус за фундаменталните прашања, односно евроатлантските интеграции и внатрешните проблеми во земјата.

Доколку Груевски не го прифати предлогот, Петковски најави за в понеделник иницијатива за гласање доверба за владата во Парламентот. Повод за иницијативата меѓу другото е оставката на вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски. Со неа Македонија праќа порака дека не е способна да ги исполни реформите за влез во ЕУ, а земјата има и сериозни економски проблеми, смета Петковски.

Автор: ЖА/МЈ/АТ/миа/макфакс

Редактор: Александра Трајковска