1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема потреба од тензија пред самитот на НАТО

ЖА/АТ/миа4 април 2012

Шурман и Еленовски: Не е потребен самит, Македонија ќе добие покана за НАТО веднаш штом се реши спорот за името.

https://p.dw.com/p/14XeT
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со исполнети критериуми за членство во Алијансата, на Македонија не и‘ треба самит, бидејќи поканата ќе ја добие веднаш штом се најде компромисно решение за името со Грција, посочија на денешната заедничка прес-конференција Лазар Еленовски од Евроатлантскиот Совет на Македонија (ЕАСМ) и Мариет Шурман, абасадорката на Кралството Холандија, која е НАТО-контакт амбасадорка во Република Македонија.

„На Македонија не и‘ треба самит за да стане членка на НАТО. Важат одлуките од Букурешт и од Лисабон дека Македонија има отворена покана за Алијасната штом се изнајде заемно решение за билатералниот спор меѓу двата соседа. Одлуката на Меѓународниот суд на правадата од Хаг е одлука за однесувањето на двете страни во однос на Времената спогодба, а не за одлуката на НАТО која се носи со консензус. Но, тоа е одлука и ние сме задоволни што владата на Македонија ја интерпретира како поттик за да ги заживее разговорите со својот сосед за изнаоѓање решение за името што ќе дозволи интеграција на земјата во НАТО и ЕУ, што ние сите го посакуваме“, рече амбасадорката Шурман на прес-конференција по повод 63 години од основањето на НАТО.

Во Чикаго не се одлучува за проширување

Еленовски, поранешен министер за одбрана, пак подвлече дека во македонската јавност непотребно се создава тензија во пресрет на Самитот во Чикаго во однос на зачленувањето во НАТО, бидејќи тој нема да биде самит на проширување.

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

„Принципот на консензус е основен. На последните три самита Алијансата со слична реченица кажа дека Македонија ги исполнува сите критериуми, но останува прашањето со нашиот јужен сосед кој што треба да се реши во рамки на ОН во Њујорк. Се‘ уште немаме никакво решение, одлуката од Хаг е легитимна, но за жал станува збор за политички проблем.Таа има влијание, но сите сме свесни за политичката и економска криза со која се соочува другата страна која оневозможува сериозни преговори“, смета Еленовски.

Според него, Алијансата во моментов е преокупирана со современите предизвици на светската безбедност, а на претстојниот самит клучни ќе бидат три теми - мисијата ИСАФ во Авганистан за повлекување на трупите во 2014. година, концептот на „паметна одбрана“ поради драстичното кратење на буџетите за одбрана кај членките и аспирантите и улогата и соработката со глобалните партнери.

Еленовски потсети дека во тој поглед Македонија, иако мала држава, дава сериозен придонес кон регионалната и глобалната безбедност.

НАТО претрпе сериозни трансформации

На 63-годишнината од основањето на НАТО Еленовски и Шурман подвлекоа дека од 1949. година до денес Алијансата претрпе сериозни трансформации следејќи ги глобалните промени, а Северноатлансткиот договор со кој беше воспоставена, е исто толку релевантен денес како и тогаш.

„Од организација која првично беше основана да ја штити Европа од советската експанзија и оживувањето на милитантниот национализам, таа стана организација чија амбиција е да ја прошири сферата на мир и безбедност низ целиот свет. Она што е констатнта за целото ова време е дека НАТО стана извор на стабилност и опстана како заедница која споделува заеднички вредности и цели - заштита на слободата на индивидуата и владеење на правото“, рече амбасадорката Шурман.