1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема резолуција на Советот за безбедност околу убиството на Јасин

24 март 2004

Советот за безбедност расправа околу убиството на основачот на Хамас, шеикот Ахмед Јасин, од страна на израелската армија. Резолуција во која би стоела осуда на Израел не е донесена.

https://p.dw.com/p/AcOf
Цвеќиња на гробот на шеикот Јасин
Цвеќиња на гробот на шеикот ЈасинФотографија: AP

Тоа беше размена на удари, слична на многу други дискусии кои се водат во Советот за безбедност на тема Блиски исток. Арапските земји на една страна, со остар протест против убиството на лидерот на Хамас, шеикот Ахмед Јасин. Насер ел Кидва, претставник на Палестинците во ОН, говореше за ”воено злосторство” и за ”кршење на меѓународното право”. И, цитираше други наводни закани од кругови на израелската влада:

”Шефот на израелскиот генералштаб рече дословно – реакцијата на Јасер Арафат на ликвидацијата на Јасин покажа дека тој знае дека е дојдено неговото време. Ние ги имаме сите предвид.”

На другата страна, израелскиот амбасадор Дан Гилерман, ја прочита долгата листа атентати извршени од Хамас. Тој истовремено го бранеше убиството на Јасин, меѓу другото и со провокативна споредба:

”Овој човек да се опишува како духовен е исто како Осама Бин Ладен да се споредува со мајка Тереза. Со неговото отстранување од меѓународната сцена ние им испративме на терористите јасна порака – вие не сте имуни.”

Израел, вообичаено, доби поддршка од својот традиционален сојузник, САД. Американскиот амбасадор, Џон Негропонте го делеше ставот на повеќето други нации дека убиството на шеикот Јасин му штети на мировниот процес на Блискиот исток, но не смеат да се заборават ниту самоубиствените атентати на Хамас.

”Советот за безбедност не треба да поддржува иницијативи кои ја игнорираат оваа реалност. Тој не треба да молчи во врска со терористите кои настојуваат да го уништат мировниот план за Блискиот исток. ”

За ЕУ изјава, меѓу другото даде германскиот претставник во ОН, Гинтер Плојгер:

”Германија и ЕУ секогаш ги отфрлаат убиствата надвор од законите. Насилството не е замена за преговори. Само преговори можат да доведат до праведно и трајно решение, прифатено од двете страни.”

Обидот на Алжир, зад затворени врати да ги принуди 15-те членови на Советот за безбедност на заедничка изјава, пропадна уште пред отворената дебата. Не може да се размислува ниту за друга резолуција на Советот, зашто САД веќе ставија до знаење дека со свое вето ќе спречат изјава која е меѓународноправно обврзувачка.