1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема релаксирање на грчко-германските односи

Панајотис Купаранис/ Симе Недевски18 јуни 2012

Германската влада со олеснување реагираше на изборниот исход во Грција. Истовремено таа опстојува на барањата до Атина за придржување кон договорите за кредитната помош за Грција.

https://p.dw.com/p/15HA8
---
Фотографија: Igor Ostapchuk - Fotolia

По изборниот успех на конзервативците во Грција, Ангела Меркел телефонски му честиташе на нивниот лидер Антонис Самарас. Во оваа пригода, соопшти канцеларијата на канцеларката, Меркел изразила уверување дека Грција ќе се придржува кон нејзините европски обврски. Вистински честитки звучат поинаку. За Берлин победата на Самарас не е причина за радост, туку помало зло.

Против Ципрас, но не и за Самарас

Ангела Меркел додуша повеќепати го повторуваше слоганот дека европската политика е домашна политика. Но, ова беше навистина првпат да се прават толку масивни обиди да се изврши влијание врз изборната одлука во една земја-членка на ЕУ. „Судбински избори за останување на Грција во еврозоната“ или, пак, дури и „ Судбински час за еврото“ - со вакви зборови политичарите на владејачката коалиција во Берлин сакаа на Грците однапред да им потенцираат за што станува збор на изборите. Нивната порака беше недвосмислена. Евентуална победа на левичарската коалиција Сириза би ја одвела Грција надвор од еврозоната. За да ја истакне сериозноста на ситуацијата, германската канцеларка на денот на изборите во Грција го одложи за 12 часа патувањето на Самитот на Г20 во Мексико.

Parlamentswahl Griechenland Antonis Samaras
Андонис СамарасФотографија: Reuters

И притисокот од странство не остана без влијание. Конзервативната Неа Демократиа освои речиси 30 насто од гласовите и што е поважно речиси три проценти повеќе од Сириза и ќе биде во состојба со гласовите на ПАСОК да оформи влада.

Разлики во интересите меѓу Грција и Германија

Во првата изјава на грчки и на англиски јазик Антонис Самарас истакна дека неговата земја ќе ги исполни обврските и дека нема повеќе да има „авантуризам“. Но, во Берлин Самарас се поврзува токму со авантуризам. Имено, не може да се заборави неговото одбивно однесување против реформите и мерките за штедење, со кои се поврзани кредитните пакети за Грција. Меркел, се вели на маргините, тогаш морала да апелирала до него да ги прифати договорите со тогашната влада на ПАСОК. Дури откако Грција вистински се најде пред пропаст, и Самарас мораше да стравува дека вината за тоа би можела да се припише и нему, па почна да притиска за брз крај на преодната влада на Лукас Пападимос, кој уживаше голем углед кај европските партнери.

Како веројатен иден премиер Самарас мора вешто да прави шпага меѓу грчките и европските очекувања. Во изборната кампања тој им вети на грчките избирачи дека може подобро да ги застапува нивните интереси во Брисел и говореше за нови преговори за условите за кредитната помош. Дали премиерот Самарас во дело ќе ги спроведе ваквите ветувања и што подразбира под нови преговори допрва ќе се види. Во секој случај тој разбуди надежи кај грчкото население за помали оптоварувања, повеќе економски раст и создавање работни места.

Берлин: нема нови преговори

Но, уште пред изборите во Грција, канцеларката и останатите германски политичари ја отфрлија можноста за нови преговори, истакнувајќи дека земјата е принципелен пример за тоа дали обврските поставени од кредиторите можат да се остваруваат. Со други зборови, германските стравувања се дека ако со Атина се започнат нови преговори ,тоа право не може потоа да им се одземе и на Португалија и на Ирска, кои исто така добиваат кредитна помош од европските фондови.

Bundeskanzlerin Angela Merkel (CDU) spricht am Samstag (16.06.12) auf dem 104. Landesparteitag der CDU Hessen in Darmstadt. Foto: Mario Vedder/dapd
Ангела МеркелФотографија: dapd

А, истовремено ако Грција не се придржува кон договорите, поддршката кај германското население за милијарди евра тешките пакети за помош за загрозените држави од еврозоната би се свела на нула. Последица на тоа не би било само пропаѓање на заштитните чадори ЕФЕФ и ЕСМ, туку и на еврозоната. Затоа Берлин не сака да одобри нови преговори за условите за кредитната помош. Дури откако грчката влада ќе го прифати тоа, се вели во Берлин, тогаш ќе има подготвеност да се говори за одделни аспекти на обврските за штедење, како на пример продолжување на роковите за нивно спроведување.