1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неодговорна акција

29 ноември 2010

Викиликс повторно удри. Интернет платформата објави стотици илјади доверливи и тајни документи на американската дипломатија - акција која нема никаква врска со транспарентност, туку едноставно е неодговорна.

https://p.dw.com/p/QKxB

Дупката е отвор во еден производ или систем, преку кој може непосакувано да истекува нешто - оттука произлегува името на Викиликс. Наводно за да им служи на транспарентноста и демократијата, преку интернет платформата постојано протекуваат тајни документи. Во поединечни случаи се обелоденуваат тешки престапи, како на пример нападот на американски хеликоптер врз цивили, или толерирањето на систематско измачување од страна на американските власти. Меѓутоа, со последното објавување дупката го урна насипот. Последиците се катастрофални, и за тоа е одговорен само Викиликс. Имено, повеќе од 250-те илјади извештаи на американските амбасадори ширум светот до нивната влада во Вашингтон, немаат што да бараат во јавноста. Тие да се публицираат под плаштот на несварлив фетиш кон транспарентноста, е глупаво и неодговорно.

Marc Koch
Марк КохФотографија: Archiv

Така е не само затоа што документите ќе предизвикаат непоправливи дипломатски заплети и ги прави смешни активните политичари ширум светот - тоа наскоро ќе биде заборавено. Многу полоши се последиците за работата на амбасадорите и другите дипломати. Нивна задача отсекогаш била да лиферуваат проценки за политичарите и политичкиот развој, или да ги застапуваат интересите на својата држава. За тоа им е потребно опкружување, во кое се заштитени и во кое владее доверба и дискреција. Со последниот удар на Викиликс ова опкружување е уништено за подолго време: нема дипломат во светот кој сега може да биде сигурен, дека доверливите разговори, забелешки и извештаи некогаш нема да излезат во јавноста.

Се разбира дека е исправно, кога истражувачките новинари со целосна одговорност обелоденуваат неправилности, политички скандали или дури кршење на правото. Имено, тие добиваат доверливи материјали, ги проверуваат, структурираат и средуваат. Но, последната акција на Викиликс ни оддалеку нема врска со тоа: со неа квалитетот, за кој впрочем се носи свесна одговорност, се заменува со бесмислен квантитет, со тоа што стотици илјади документи се достапни за секого, во сурова верзија. Последиците може да се предвидат: цитати од овие документи ќе бидат извадени од контекст, фалсификувани, или ќе се појават повторно во нови комбинации и ќе продуцират нови ударни вести. Од тоа ќе профитира само еден - Викиликс самиот.

Објавувањето на овие докуметни ниту го прави светот потранспарентен, ни помирен, ниту побезбеден. Тие речиси не лиферуваат нови сознанија, туку служат само за тоа да ја задоволат суетата на основачот на Викиликс Џулијан Асанж - факт, кој впрочем германскиот портпарол на организацијата го препозна неодамна и го напушти Викиликс.

Зад скандалот, сепак, стои уште една една работа: ако акцијата на Викиликс служи воопшто за нешто, тогаш за следново: таа покажува дека САД очигледно не се во состојба да гарантираат држење на тајност во дигиталната епоха - тоа мора да има свои последици. За овој момент актуелно е сознанието: Дупката може да доведе до паѓање на еден комплетен систем - поради што мора да биде затворена што е можно поскоро.

Автор на коментарот: Марк Кох

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска