1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Неочекувани олабавувања на корона-рестрикциите во Москва

Јури Решето
10 јуни 2020

Москва неочекувано ублажи најголем дел од рестрикциите воведени поради коронавирусот. Многу Руси сметаат дека оваа одлука е политички мотивирана.

https://p.dw.com/p/3dYZg
Russland: Buchfestival in Moskau (picture-alliance/dpa/A. Maishev)
Фотографија: picture-alliance/Sputnik/A. Maishev

Конечно! Издишувањето на олеснување на жителите на дванаесетмилионската метропола Москва беше видливо кога градоначалникот Сергеј Собјанин најави крај на досегашните корона-ограничувања. Повторно е можно одење на фризер, а некои работи ќе бидат можни за неколку дена, како вежбање во теретана. Продавниците за облека и за градежни материјали и онака се отворени од пред една недела. Музеите и зоолошките градини ќе бидат пристапни по една седмица, тогаш ќе можат и кафулињата и рестораните да пречекуваат гости. Но, секако, најважна одлука на градоначалникот, според набљудувачите, е укинувањето на електронските дозволи за движење низ градот. Значи, повторно слобода!

Но, многумина сепак ги зачуди брзината на промената на курсот. Уште на крајот на мај Собјанин претпоставуваше дека слободните прошетки ќе можат да бидат дозволени дури тогаш кога Москва ќе бележи десетици или најмногу неколку стотини нови инфекции дневно. Но, со сегашните 1.500 до 2.500 новоинфицирани дневно во рускиот главен град, тоа не е случај.

Напад врз граѓанските права

Независниот московски пратеник Денис Шендерович го поздравува укинувањето на, како што вели тој, „илегалните" мерки, кои биле помалку во служба на сузбивање на пандемијата на коронавирусот, а повеќе претставувале ограничување на граѓанските права. Со тоа тој пред сѐ мисли на стриктните правила за напуштање на домот и со него поврзаниот систем за електронски дозволи за движење: „Тоа беа апсолутно бескорисни и глупави мерки, кои не донесоа ништо друго освен незадоволство кај народот". Сега значи народот може повторно да се радува, резимира Шендерович. 

Повеќе:

Ковид-19: Во Русија и во Унгарија ќе се игра фудбал пред публика

Царот Путин е гол во ерата на короната

Најтешката криза на Владимир Путин

Владимир Путин – заробеник во моќта на Кремљ

Навистина, факт е дека многу московјани во изминатите два и пол месеци се жалеа поради, според нивно мислење, апсурдните казни изрекувани од градот за наводни прекршувања на правилото за самоизолација. Една тешко болна неподвижна пациентка, на пример, доби казна од 4.000 рубљи (околу 43 евра), иако со години не го напуштила својот стан. Дозволите за движење на некои граѓани одеднаш биле прогласувани за неважечки, иако ништо не се променило во нивниот статус. На многумина им остана во сеќавање и краткотрајниот притвор на еден сопственик на куче, кој накратко излегол да го прошета во парк. Оваа случка за многумина претставува симбол на апсурдноста на одредени правила.

Обврска за носење заштитна маска

Денис Шендерович, од друга страна, го критикува олабавувањето на други мерки, кои според него вистински може да го спречат ширењето на пандемијата: „Дозволата за одржување масовни манифестации ја сметам за преуранета, зашто бројот на нови инфекции уште не опаѓа." Затоа, Шендерович одлуките на градските власти ги нарекува „чудни" и „хистерични". Тој укажува дека граѓаните на Москва само пред неколку дена беа задолжени да носат заштитни маски и ракавици во јавните простории и беа подложени на режим на прошетки „како во затвор" според план за секоја одделна куќа.

Очигледна причина за ваквите одлуки Шендерович гледа во Парадата на победата, која треба да се одржи на Црвениот плоштад на 24 јуни, откако прославата на 9 мај, официјален ден на кој во Русија се слави победата, беше откажана поради пандемијата. Градоначалникот Собјанин веројатно добил повик од Кремљ, иронизира Шендерович: „Серјожа, слушај ваму! Прво, нам ни треба парадата, а второ, а тоа е најважно од сѐ друго потребно ни е гласање за промена на уставот!" 

Критика поради ограничувањата

На први јули Русите треба да се изјаснат околу далекусежни измени во Уставот. Реформата треба меѓу другото на претседателот Владимир Путин да му овозможи повторно останување на функцијата по истекот на регуларниот мандат во 2024 година. Московскиот пратеник Шендерович го критикува „хаосот и рамнодушноста" на властите кон граѓаните.

Нему му противречи Павел Данилин, член на Московската општествена комора и директор на провладиниот Центар за политички анализи и социјални истражувања. Во разговор за Дојче веле тој ја наведува официјалната статистика, според која расте бројот на успешно третирани пациенти со Ковид-19. И тој ги критикува ограничувањата како прошетки според план, нарекувајќи ги „бескорисни мерки" кои „само предизвикаа тензии во главниот град". Но, Данилин отфрла политичка мотивација: „Не ја поврзувам оваа одлука за укинување на рестрикциите ниту со парадата, ниту со изјаснувањето за уставот." Тој тврди – градоначалниот, пред носењето на одлуката извршил консултации со медицинарите.