1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

050809 Georgien Jugend

6 август 2009

Од војната меѓу Грузија и Русија помина 1 год. Русија ја призна независноста на Јужна Осетија и Абхазија. Во двете провинции владее олеснување, во Грузија настапи отрезнување. Меѓу општествата речиси и нема контакти.

https://p.dw.com/p/J4Aq
Променадата на СухумиФотографија: DW

На променадата на Сухуми руските туристи се шетаат во мали групи. Хотелот „Абхазија“, полн со традиција, е покриен со заштитна мрежа зад која се гради забрзано. Руината од војната би требало да стане повторно хотел од прва категорија. Во времињата на Советскиот сојуз, крајбрежјето беше наречено „советска ривиера“ и беше омилена туристичка цел. Саид Агрба и Аслан Лаквитава, меѓутоа, не можат да се сетат на овие времиња. Двајцата студенти гледаат во водата: „Би сакал да видам многу работи. Уште како дете сонував да патувам, да видам други земји.“

Сепак, Саид ќе мора да почека со патувањето. Како Абхазиец тој е граѓанин на една Република која е призната од само две држави - Русија и Никарагва. Русија, во меѓувреме, им подели на Абхазијците руски пасоши, но повеќето западни амбасади досега одбиваат да им издадат визи. Саид, минатата година, сепак имал можност еднаш да отпатува на запад. Една британска организација ги поканила младите од Абхазија и Грузија на средба во Лондон. За Аслан и Саид тоа било првпат да сретнат врсници од Грузија: „Најтешкиот момент беше кога сфатив дека Грузијците смеаат дека се‘ што зборуваат е исправно.“

Georgisch-Abchasische Jugendbegegnung
Аслан Лаквитава и Саид АгрбаФотографија: DW

„На Абхазијците директно им реков - Абхазија е грузиска територија и мислам дека треба да живеете со нас. Овде имате иднина, останете на земја, бидете реални, никој нема да ви ја признае независноста, освен Русија и Никарагва.“

„Никогаш не сум се борел во војната“

Лаша Бсурашвили живее на 400 километри оддалеченост, во грузискиот главен град Тбилиси. И тој, кога избила војната, бил дете. Никогаш не ја видел променадата во Сухуми. За Грузијците, границата кон Абхазија е затворена. „Кога првпат ги сретнав Абхазијците реков: ’Моето име е Лаша и никогаш не сум се борел во војната. Не се плашам да погледнам во твоите очи, зашто не мислам дека ти ја носиш одговорноста.’“

Georgisch-Abchasische Jugendbegegnung
Лаша Бсурашвили и Коте ЧокариаФотографија: DW

Тоа не е разбирливо само по себе. Војната е се‘ уште присутна во двете општества. Нема семејство што не загубило некој член во војната, велат Абхазијците. Другата страна, наспроти тоа, обвинува дека се протерани 250.000 Грузијци од таа територија, или речиси половина од населението. Лаша со пријателите седи во едно кафуле во универзитетскиот кварт на Тбилиси. Сите учествувале на средбата во Лондон и имаат искуство кое не секогаш наидува на разбирање од другите, вели Коте Чокариа: „Сега, секогаш за конфликтот дискутирам со татко ми. Тој како Грузиец верува во она во што веруваат сите Грузијци - проблем не се Абхазијците, туку Русите. И ако со Русија се постигне согласност, нема да има проблеми. Сите мислат така. И јас верував во тоа.“

„Кога нашата генерација ќе дојде на власт, ние многу ќе се доближиме до решение на конфликтот“

Решението на конфликтот мината година стана уште подалечно. Грузија водеше куса војна против Јужна Осетија, регион кој исто така се отцепи од Грузија. Многумина Абхазијци стравуваат дека и нив ги чека војна. Русија, на крајот се приклучи на страната на Осетијците и ја победи Грузија. Се разбира и тоа беше тема за студентите: „Тоа беше сосема на почетокот. Се карав со еден Грузиец. Тој учествувал во војната. Тоа многу ме возбудуваше. Тој се борел во војната и можел да убие мои осетиски браќа, а сега седи овде и сака да разговара за мир“, вели Абхазиецот Саид.

Karte Kaukasus Georgien mit den Teilrepubliken Abchasien und Südossetien brasilianisch brazil

За многу работи немаат исто мислење, велат сите четворица. Абхазија, за Коте и Лаша, исто како и порано е дел од Грузија. За Саид и Аслан само независност на Абхазија доаѓа предвид. А, сепак на сите им успеа една работа што на претставниците на двете страни досега им паѓа тешко - тие научија да разговараат меѓусебе. Аслан студира меѓународни односи. Тој сака да стане дипломат: „Се вратив многу охрабрен. Таму сретнав млади Грузијци и сфатив едно - кога нашата генерација утре ќе дојде на власт, ние многу ќе се доближиме до решение на конфликтот.“

Автор: Матијас Белингер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска