1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непријателство кон мигрантите во Велика Британија

Б. Конрадис/Н. Домазетовиќ26 септември 2016

Како што Брегзит станува реалност, мигрантите од централна и источна Европа во Велика Британија се соочуваат со се поголемо непријателство. Ксенофобичните напади се во пораст

https://p.dw.com/p/1K5JN
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/H. Yan

За многумина од оние кои сметаат дека Обединетото Кралство треба да остане во ЕУ, резултатите од референдумот одржан на 23 јуни им дојдоа како шок, како што ја шокираа и Лина Катутите, 30-годишна менаџерка со недвижности, која седум години живее во Лондон. Веднаш по гласањето, атмосферата во државата станала толку тензична, што таа дури се двоумела дали да излезе од дома.

„Не сакав да излезам надвор, затоа што не бев сигурна што ќе се случи“, вели таа за ДВ. „Беше доста страшно“.

Иницијалниот страв кој Катутите го почувствувала, наскоро исчезнал. Таа добила работа од која била задоволна и живее во либерален дел од градот кој гласал за „останување“. Кога отишла да купи кафе во соседството по референдумот, Англичаните во кафулето дури и ѝ се извиниле.

Сепак, за други мигранти од централна и од источна Европа, искуството во Обединетото Кралство е помалку позитивно. Додека медиумите го ставаат вниманието на непријатностите со кои се соочуваат полските државјанин, особено во контекст на убиството на Арек Јозвик кон крајот на август, мигрантите од другите делови од регионот чувствуваат значителна напнатост.

Polen britische Premierministerin Theresa May in Warschau
Британската премиерка Тереза Меј во ВаршаваФотографија: picture-alliance/dpa/T. Gzell

Нападите се зголемуваат

Барбара Дроздович, директор на Источно европскиот ресурсен центар во Лондон, која ги советува мигрантите во регионот, вели дека секое второ или трето лице кое доаѓа да побара помош во центарот се жали на некоја форма на дискриминација.

„Референдумот ослободи извесна огорченост во британското општество, па некои луѓе се чувствуваат слободни да го изразат своето непријателство кон жителите кои не се Британци“, вели Дроздович за ДВ. Ова непријателство не секогаш е изразено преку физичко насилство, додава таа. Почесто, мигрантите се жртви на говор на омраза како дофрлање во метро или во автобус.

Таа исто така смета дека ваквите инциденти се без преседан. „Има одредено ниво на нормализација во однос на непријатеслтвото кон Источноевропејците. И тоа започна пред неколку години“, вели Дроздович. Сепак, очигледно е дека расистичките напади се во пораст по референдумот. Во студија за инциденти поврзани со расизам преку медиумите во периодот од 24 јуни до 23 јули, Институтот за расни односи од Лондон напиша дека „секоја нова стратегија против криминалот поради омраза мора да земе во предвид дека работниците од Источна Европа се меѓу првите жртви“.

Негативна атмосфера

Großbritannien Proteste gegen Brexit in London
Протести против Брегзит во ЛондонФотографија: Getty Images/AFP/J. Tallis

Во оваа група, Полјаците се најголема мета. Според „Гардијан“, од 60 отсто од случаи поврзани со криминал поради омраза кои биле пријавени во европските амбасади во Обединетото Кралство по референдумот, 31 биле во амбасадата на Полска. Но амбасадите на Литванија, Латвија и на Романија исто така пријавиле значителен број на ксенофобични инциденти против нивни граѓани, пренесува весникот.

Резултатот е „атмосфера на вознемиреност и до одреден степен страв, кој претпоставувам дека го намалил квалитетот на живот меѓу централно и источноевропејците“, вели Дроздович, нагласувајќи дека многу мигранти применуваат „стратегии на преживување“ за да ја избегнат дискриминацијата. Некои, на пример, одбиваат да го зборуваат својот јазик едни со други во јавност, додека други избираат да не читаат весници на својот јазик додека седат во метро.

Таа исто така вели дека се поголем број од нив размислуваат да се вратат на континентот. „Би рекла дека оваа идеја за враќање во Европа им доаѓа во мислите на сѐ повеќе луѓе“, вели таа. „И се повеќе луѓе доаѓаат во нашиот центар и прашуваат специфични прашања за напуштање на Обединетото Кралство“.

Катутите, која признава дека не е засегната од Брегзит, исто така гледа промена во атмосферата на земјата. „Може да се почувствува тоа“, вели таа, нагласувајќи дека исто така слушнала од многу мигранти дека размислуваат да се вратат дома. За оние луѓе кои дошле во Обединетото Кралство од источна и од централна Европа поради економски можности, Катутите вели дека ги сожалува, „Тие ги оставиле своите домови и своите земји. Дошле овде против својата волја. И сега поради политичката промена, многумина велат дека сакаат да се вратат дома“, вели таа. „Не е добро, да бидеме искрени. Никој не знае што ќе се случи“.