1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нетанјаху му нуди нови разговори на Абас

20 септември 2011

Претседателот на Палестинците Махмуд Абас останува на својата намера, да издејствува признавање на неговата држава од страна на ОН. За да го спречи тоа, премиерот на Израел понуди нови преговори.

https://p.dw.com/p/12cgx
Премиерот на Израел му нуди на претседателот на Палестинците нови преговориФотографија: AP

Во спорот за признавање суверена држава на Палестинците, премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху предложи средба со претседателот на Палестинците Махмуд Абас. „Премиерот е заинтересиран за средба со претседателот на автономните подрачја во Њујорк“, се вели во синоќешното (19.09.11) соопштение од канцеларијата на Нетанјаху. Израелскиот премиер истовремено ја повикува владата на Палестинците на обновување на директните преговори за мировно решение меѓу Израел и Палестинците.

Овие директни преговори се замрзнати повеќе од една година поради спорот околу изградбата на израелските населби. Со оглед на безизлезната ситуација, Палестинците одлучија за признавањето на нивната држава да побараат одобрение од ОН. На средбата со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, претседателот на Палестинците потврдил дека в петок ќе му достави барање за признавање на државата со молба истото да го достави до Советот за безбедност на ОН. Абас се залага за полноправно членство на држава Палестина со граници од 1967 година.

NO FLASH UNO Abbas Deutschland gegen UN Inititative in Palästina
Претседателот на Палестинците опстојува на барањето за признавање на држава ПалестинаФотографија: picture alliance/dpa

САД најавија вето

САД, како близок сојузник на Израел, се заканија дека ќе стават вето во Советот за безбедност на ОН. Доколку Палестинците не успеат во Советот за безбедност, ќе се обидат да стекнат проширен набљудувачки статус како држава која не е членка. За тоа би било доволно и просто мнозинство на Генералното собрание.

Меѓународната заедница стравува од ескалација на конфликтот. Францускиот министер за надворешни работи Алан Жипе предупреди од „експлозија на насилството“, доколку повторно не заживее мировниот процес. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле исто така се заложи страните да се вратат на преговарачка маса.

Се бара излез од ситуацијата

Во седиштето на ОН во Њујорк зад кулиси забрзано се бара излез од ситуацијата. Тоа би морало да го овозможи „легитимното барање“ на Палестинците за сопствена држава преку директни преговори со Израелците, изјави специјалниот пратеник на Блискоисточниот квартет, поранешниот британски премиер Тони Блер, за телевизијата ЕјБиСи.

Според една анкета на Пелестинскиот центар за политика и испитување на јавното мислење 83 проценти од Палестинците на Западниот брег и во Појасот Газа го поддржуваат барањето до ОН.

Секој кандидат за полноправно членство во ОН мора со писмо до генералниот секретар да се изјасни за мир и за почитување на принципите од Повелбата на ОН. Генералниот секретар потоа според процедурата го проследува писмото до Советот за безбедност на ОН, кој треба да го одобри барањето пред истото да стигне на гласање во Генералното собрание.

Автор: АТ/ АС/ дв/ афп/ ртрт/ дпд/ дпа

Редактор: Жана Ацеска