1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нетанјаху: Ќе го изненадиме светот

26 август 2009

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска (26.08.2009) на европската турнеја, доаѓа во посета на Германија. Тој најави подготвеност на компромис во спорот околу израелските новоградби на Западниот брег.

https://p.dw.com/p/JIRp
Бенјамин НетанјахуФотографија: AP

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Берлин ќе се сретне со германскиот претседател Хорст Келер. За утре (27.08.2009) се планирани разговори со канцеларката Ангела Меркел и министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер. Ова е прва посета на Нетанјаху на Берлин од неговиот избор за премиер, во март.

Важна тема ќе биде иднината на мировниот процес на Блискиот Исток. Нетанјаху, од една страна, е соочен со барањето на меѓународната заедница за итно запирање на нови израелски градби на палестинските автономни подрачја, а од друга страна, владината коалиција на десните сили, што тој ја предводи, тоа го одбива.

При вчерашните разговори во Лондон со британскиот премиер Гордон Браун, Нетанјаху најави: ќе го изненадиме светот, но не ја обелодени содржината на изненадувањето, одложувајќи го тоа за подоцна. Освен општите заложби за продолжување на мировните преговори во септември, израелскиот премиер не навести на какви отстапки кон Палестинците е подготвен. Наместо тоа, уште еднаш го повтори познатиот услов кон спротивната страна - формулата за напредок е:

Benjamin Netanjahu im Gespräch mit Gordon Brown
Нетанјаху на разговорите со британскиот премиер Гордон БраунФотографија: AP

„Демилитаризирана палестинска држава, која ќе го признае постоењето на Израел.“

Нетанјаху со ниеден збор не го спомена продолжувањето на градењето населби во областите кои Израел ги окупира во 1967 година, а кои Палестинците ги сметаат за решавачка пречка за обновување на мировните преговори.

Но, британскиот премиер Гордон Браун го потсети гостинот на оваа тема: „На Нетанјаху јасно му кажав дека градежните активности се пречка во решението за постоење две држави. Сепак, јас сум оптимист дека со постоење вистинска желба, ќе дојде до придвижување.“

Израелските доселеници и натаму на Западниот брег

Претходно, владини извори во Ерусалим посочија дека евентуален компромис би можело да се бара во најавата на Израел за прекин на нови градби, со исклучок на 2.500-те населби кои се веќе започнати. Според мислењето на Нетанјаху, израелските доселеници на Западниот брег би требало да живеат и натаму нормално. Бројот доселеници во оваа област од деведесетите години е речиси двојно зголемен - на околу 300 илјади, наспроти околу 2,5 милиони Палестинци.

Пред да стигне во Берлин, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Лондон ќе има средба со специјалниот пратеник на САД, Џорџ Мичел.

Постојаната претставничка на Израел во ОН, Габриела Шалев, потврди дека се работи на организирање тристрана средба меѓу претседателот на САД, Барак Обама, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и претседателот на Палестинците, Махмуд Абас. Средбата би била одржана во Њујорк за време на годишната сесија на Генералното собрание на ОН во септември.

Вчера палестинскиот премиер Салам Фајад пак изјави дека, независно од тоа дали ќе има повторни преговори со Израел, Палестинците ќе прогласат независна држава во следните две години.

Автор: Барбара Везел/ЖА/афп/ап/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска