1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нетфликс потклекна пред Саудиска Арабија

ЕМФ / дв
2 јануари 2019

Мрежата Нетфликс по барање на Саудиска Арабија од програмата повлече комично шоу кое не му се допаднало на принцот престолонаследник Мохамед бин Салман.

https://p.dw.com/p/3Aszx
People Hasan Minhaj
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Netflix

„Patriot Act with Hasan Minhaj“ - тоа е насловот на епизодата од комичното шоу на американскиот комичар Хасан Минаж (на насловната фотографија), која продукциската мрежа Нетфликс веќе не ја нуди во Саудиска Арабија. Во својата сатирична програма 33-годишниот Минаж се шегува на сметка на саудискиот принц престолонаследник Мохамед бин Салман поради убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во Истанбул. Освен тоа, се критикува и саудиската интервенција во Јемен.

Епизодата која на Нетфликс се појави на 28 октомври очигледно ѝ била трн в око на кралската куќа во Ријад, па Саудиска Арабија од Нетфликс побара да ја повлече. Тоа беше и направено од страна на компанијата со седиште во Калифорнија. „Силно ја поддржуваме уметничката слобода и епизодата ја повлековме само од пазарот во Саудиска Арабија, откако за тоа добивме правосилно барање“, изјави портпаролка на продукцијата за радиото НПР.

Меѓутоа, сѐ уште не е јасно на каква правна основа се заснова барањето за повлекување на епизодата од саудискиот пазар. Британскиот весник „Фајненшл тајмс“ пишува дека Нетфликс реагира на соопштение на Министерството за информации во Ријад, во кое се тврди дека сатирата го прекршува законот за сајбер-криминал. Министерството досега не реагира на барањата на медиумите за објаснување.

Netflix-Logo
Фотографија: Reuters/M. Blake

Критичарот на кралската куќа во Саудиска Арабија, Џамал Кашоги, беше убиен од страна на агенти во саудискиот конзулат во Истанбул, на 2 октомври минатата година. Случајот предизвика огромно внимание во светот и дипломатски конфликти. Американскиот Сенат во една своја резолуција оцени дека принцот Салман е „одговорен за убиството“.