1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неуспешен контра-пуч во Мали

БГ/ЖА/афп1 мај 2012

Лојалистите на соборениот претседател на Мали во текот на ноќта се обиделе да ја вратат власта во земјата, но биле поразени.

https://p.dw.com/p/14nRd
Фотографија: dapd

Воената хунта во Мали успеала да се одржи на власт во текот на ноќта, одбивајќи го обидот на лојалистите на поранешниот претседател Амаду Тумани Туре повторно да ја преземат контролата во земјата. Во текот на ноќта дошло до жестоки судири на повеќе точки во главниот град Бамако, откако лојалистите се обиделе да ги освојат аеродромот и зградите на државното радио и телевизија.

Претставници на воената хунта кои преку пуч ја презедоа власта на 22. март годинава, соопштија дека го одбиле нападот и дека го контролираат градот. За нападите тие обвинија „странски платеници и трупи“.

Агенциите јавуваат дека во главниот град владее конфузија, а според странски дипломати, лојалистите на соборениот претседател се‘ уште не се совладани.

Нема податоци за бројот на жртви или повредени во судирите.

Под меѓународен притисок, хунтата се согласи да предаде дел од власта кон средината на април, кога за премиер беше именуван поранешниот парламентарен спикер Дионконда Траоре. Но земјата е пред опасност од целосен распад, откако внатрешните превирања беа искористени од исламистите и бунтовниците од племето Туарег да ја преземат контролата врз северниот дел од Мали.