1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не е се’ црно во македонскиот фудбал

16 септември 2010

Меѓу 12-те тимови-прволигаши, после една деценија е и ФК Скопје, миленикот на фудбалксите фанови од населбата Автокоманда. Тренерот Марковски се осврнува на состојбите во македонскиот фудбал.

https://p.dw.com/p/PCeX
Фотографија: picture-alliance / Sven Simon

Љупчо Марковски, познатото македонско фудбалско име е на тренерската клупа на Скопје: „За мене како тренер ова е голем успех, со оглед на условите за работа што ги има ФК Скопје. Познато е дека не сме еден од побогатите клубови во Македонија, па затоа и освоените бодови имаат за мене поголема вредност.“

Осврнувајќи се на моментот на фудбалот, што се игра во Македонија, Марковски вели дека не е се’ така црно во него, дека му треба малку поголема потпора од сите околу фудбалот: „Квалитетот не е толку многу лош, како што некои мислат. Се појавуваат нови имиња, нови млади играчи, но тие се запоставени од медиумите. Се’ помалку се пишува за добрите работи во фудбалот, иако знаеме дека има и лоши работи, но сепак не е се’ толку црно во македонскиот фудбал.“

Ljupco Markovski
Љупчо МарковскиФотографија: DW

Водечките клубови во македонската лига веќе не се ниту Вардар, ниту Пелистер, ниту Победа. Напротив, до вчера малите средини се резултатски најекспонирани: Ренова, Металург, Турново. Марковски има свое објаснување: „Мислам дека клубовите од помалите средини побрзо се прилагодија на начинот на живеење и на стопанисување. Тоа се приватни клубови, зад кои стои приватен капитал, финансиски гиганти. Не се случајни резултатите на една Ренова, Металург, па и Турново. Вложувањата во овие клубови се големи.“

Какви се шансите на македонската репрезентација за ЕП?

Љупчо Марковски, беше дел од шампионската генерација на Вардар во 80-тите години. Во 30 натпревари го носеше македонскиот репрезентативен дрес. Вака го коментира минатонеделниот старт на Македонија во квалификациите за Европското првенство. Несреќниот пораз од Словачка и среќното реми со Ерменија: „Почетокот на квалификациите не дозволуваат оптимистички размислувања за понатаму. Според мене мораше да се искористи слабиот ден на Словачка во Братислава. Малку подоцна Словачка ја покажа силата совладувајќи ја Русија во Москва. Не сум песимист, но фудбалски гледано тешко дека може да уследи поместување во однос на четвртите места во групите, на кои досега се пласираше Македонија.“

Кога би бил во ситуација да одлучува, кој би бил патот кој би го одбрал Љупчо Марковски за унапредување на македонскиот фудбал истакнува: „Нивото на организација на клубовите да се насочи кон создавање на квалитетни пионерско-младински фудбалски школи. Да се применува системот за едукација што го пропагира УЕФА, да се ангажираат едуцирани тренери со лиценци. И конечно, треба да се работи подолгорочно, да не се бараат резултати за година или две!“

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска