1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Не“ за предлозите на Ахтисари?

14 февруари 2007

Во овие моменти во Белград во тек е конститутивната седница на новиот состав на Парламентот. По верификувањето на мандатите на пратениците, втора точка на дневен ред е расправа за владината резолуција за Косово, со која се предлага отфрлање на предлозите на Марти Ахтисари за идниот статус на покраината

https://p.dw.com/p/AbzG
Зградата на српскиот парламент во Белград
Зградата на српскиот парламент во БелградФотографија: AP Photo

Новата резолуција на пратениците ќе им ја образложи премиерот на Србија , Војислав Коштуница , а предвидено е и обраќање на шефот на државата Борис Тадиќ.

Владата во текстот на резолуцијата му предлага на парламентот да го отфрли предлогот на Марти Ахтисари бидејќи смета дека со него на противправен начин се полагаат темели за создавање нова независна држава на територијата на Србија. Истовремено се крши суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија, како меѓународно призната држава .

Заменик претседателот на Радикалната партија Томислав Николиќ , која има најбројна пратеничка група во новиот парламентарен состав изјави дека Србија мора да го одбрани Косово. Според него преговарачкиот тим во Виена ќе ја брани покраината се додека за тоа има смисла. За натамошните чекори и мандат според него ќе одлучи парламентот. Пред седницата Николиќ изјави оти парламентарните партии постигнале согласност со резолуцијата да се отфрли предлогот на Ахтисари

” Преговарачкиот тим со резолуцијата ќе биде овластен и ќе му биде наложено да одговори генерално на ставовите на Марти Ахтисари и да даде свое решение на секое поединечно негово решение. Тимот веднаш по преговорите во Виена ќе поднесе извештај на народното собрание кое ќе одлучи за натамошниот тек на преговорите”

Лидерот на либерално демократската партија Чедомир Јовановиќ изјави дека коалицијата ќе гласа против резолуцијата. Тој смета дека предлогот е билет во една насока за србите кои останаа во покраината по 1999 година. Според него планот на Ахтисари е чекор во добра насока, кој ја отсликува политичката реалност.

Инаку новата резолуција не предвидува прекин на дипломатските односи со земјите кои би ја признале независноста на Косово.