1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Не можеме едни без други “

16 ноември 2010

Во Охрид, лулка на словенската писменост и култура, со векови се почитува верата и културата на другите. Бројни се примерите во кои православните и муслиманите се сакаат како браќа. Денеска, на Курбан Бајрам, се заедно.

https://p.dw.com/p/QAKQ
Семејствата Ќато и СкендероскиФотографија: Milco Jovanoski

Хусеин Ќато е Турчин. Над три века се знае дека неговото семејство живее во Охрид во месноста Кошишта. И улицата која води до неговата куќа соседите ја викаат Ќатов сокак. Курбан Бајрам е голем ден за него и неговото семејство. Денот му почна со утринска молитва сабах – намаз:

„Ги посетивме гробиштата при што читавме молитва за покојните. Во текот на денот обично разменуваме посети. Се оди кај најстарите, па потоа како што следи. Моите другари кои се од православна верписповест ми доаѓаат на третиот ден.“

Муслиманите почитта кон Алах ја изразуваат со колење курбан , но и богата трпеза, објаснува Дрита, сопругата на Хусеин:

„Празникот домаќинките го пречекуваат со голема возбуда и посебни подготовки. Се прави баклава, задолжително и други слатки работи. Овој Курбан Бајрам се принесува жртва, се колат овни и домаќинот го дели месото на седум или девет парчиња. Нив ќе треба да ги разнесе по сиромашните муслимани за и тие да имаат пристоен ручек за празникот.“

Семејни пријатели – чудно е ако не се видат еден ден

Хусеин околу 50 години дружи со ист круг на луѓе. Од деца сме заедно, околу 12 души. Неразделен семеен пријател сум со Љупчо Скендероски, вели тој:

„Секогаш сум имал пријатели од сите вери и моите деца така ги воспитувам, како што и моите родители мене ме воспитувале.“

Пријатели сме цел живот додава Љупчо, чие семејство има старо охридско потекло:

„Овие нивни празници ги доживуваме како наши. Првиот ден се собираат најблиските. Па јас, бидејќи се сметам за најблизок од најблиските во семејството, воопшто не размислувам дали ќе одам првиот или вториот ден. Како што и тој и Дрита се присутни дома на Велигден и на куќната слава Св. Никола, на која масата не може да се замисли без нив.“

Die Familien Cato und Skenderoski
Хусеин и Дрита ЌатоФотографија: Milco Jovanoski

Почитта е таа што треба да не‘ држи

Почитта им ја пренесуваме и на нашите деца, додава Зорица:

„Ова дружење што го имаме со години со нашите другари од друга вероисповест да го продолжат и идните генерации. И тие да се дружат, да живеат во една хармонија сите заедно да се весели и среќни.“

Зорица признава дека и во исхраната многу прифатила од Дрита:

„Тие се многу вкусни јадења. Обично и нашиве македонски јадења се многу слични со нивните. На пример: турли - тави,мусака, салати, па баклавата. “

Кумството – чин на длабока меѓусебна верба

Не‘ врзува и кумството, со гордост велат Хусеин и Дрита:

„Нашето другарување се преточи во кумство. Тие нам ни се венчални кумови. А ние сме венчални кумови на Климчо и Надица Мизо. “

Време е да сфатиме дека сме само гости на овој свет, потенцира Дрита:

„Животот е многу краток. Се‘ е минливо, само духовното останува. Оваа транзиција, овој динамичен живот, партиите, се‘ придонесе да се изгубат вредностите. “

Четворицата денеска заедно се пак околу трпезата. Љубовта, пријателството и почитувањата е амалгамот кој ги поврзува:

„ Заеднички ги споделуваме и убавите и лошите работи од животот. Едноставно не можеме да живееме едни без други “, признава Дрита .

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска