1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не можеш по историјата - удри по споменикот!

Катерина Блажевска15 јануари 2014

Со кршење спомен-плочи и бисти, некои се обидуваат да го ревидираат делот од историјата што не им се допаѓа, други да покријат непознавање, трети да пополнат празени простор што го оставила државата, сметаат историчарите

https://p.dw.com/p/1Aqe0
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Чествувањата на некои личности од македонската историја во изминатите години се „изборија“ да добијат традиционален белег. По „правило“, редовно се крши спомен-плочата што ја поставуваат бугарски здруженија во чест на Мара Бунева во Скопје, се расфрла цвеќето што македонските граѓани ги оставаат на споменикот на Јане Сандански во Мелник, Бугарија, а бисти на борци од НОБ се тркалаат урнати од постаментите низ локални паркови па сѐ до отпадите за старо железо. На што се должи таквиот нецивилизациски чин? Според историчарите причините се различни. Некои се обидуваат да го ревидираат делот од историјата што не им се допаѓа, други со тоа го покриваат нејзиното непознавање, трети на „свој начин“ го пополнуваат празниот простор што го оставила државата, заборавајќи да им оддаде достојна почит на одредени историски личности.

Скршени пред да се постават

Се чини дека Мара Бунева е жртва на последново. Спомен-плочите во нејзина чест се „скршени“ уште пред да се постават. Споменот на младата жена која пред многу години пукала во Велимир Прелиќ, како персонификација на српскиот окупатор во Македонија, секоја година го „убиваат“ непознати сторители - од Македонија. Звучи апсурдно, но „фукционира“. Таа е една од историските личности која државата ја има оставено на слободно чествувачко концесионирање, па таа празнина со години ја користат разни бугарски здруженија, но не и македонските граѓани.

Зоран Тодоровски, историчар и директор на државниот Архив на Република Македонија вели дека мора да се стави крај во однос на ваквите постапки кон делото на Мара Бунева.

„Редно е македонските власти конечно да заземат свој историски и политички став, со цел да се елиминира заострување на односите со Република Бугарија, како и слични случувања со посетата на споменикот на Јане Сандански во Мелник од страна на македонските граѓани. Ова, според мене, произлегува од се уште недефинираниот историски-научен став за улогата на Мара Бунева во македонското ослободително движење, а уште повеќе од наследените 'негативни' историски сознанија во нашата историографија, како и на пишувањата од идеолошки побуди на одделни ненаучни и наследени оценки на наши публицисти. За вакви чинови и 'подвизи' против окупаторската власт во Македонија за време на НОВ, извршителите-комунистите беа прогласувани за народни херои... Личноста на Бунева во македонската историографија е научно валоризирана, пред сѐ, од историчари специјалисти за тој период од македонското револуционерно движење. Затоа, наместо незаконско поставување плоча со бугарска азбука и веење на бугарски знамиња и пароли, време е македонските надлежни органи да и изградат споменик на Мара Бунева, а таков постоел до 1944 година, бидејќи таа го дала својот живот за слободна Македонија“, вели Тодоровски.

Оние кои постојано ја кршат спомен-плочата за Бунева, веројатно и не знаат дека меѓу 109-те восочни фигури во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, се наоѓа и восочната фигура на Мара Бунева, за која концепцијата е изработена од четворица историчари-универзитетски професори. Цената на тоа „знаење“ не чини повеќе од 100 денари.

Рејугословенизација...

Бугарскиот културен клуб (БКК) во Скопје, не пропушти да потсети дека добро опремената полицијата во Скопје со денови го чува споменикот на Цар Душан и на Тито, а истовремено дозволува да се скрши една мала плоча за Бунева.

„Заедно со голем број политички актови на антиквизација и рејугословенизација од последните години, односот кон панихидата и спомен плочата на Бунева сериозно го компромитираат имиџот на Македонија како независна држава и кандидат-членка на ЕУ“, оцени БКК.

Со слични оценки, поконкретно за „србизација“ на македонската политика, излегоа и албански невладини здруженија по поставувањето на споменикот на српскиот цар Душан во центарот на Скопје. „Потпис“ против таквиот чин оставија и претставници на највисокото раководство на ДУИ по ноќната посета на споменикот, а употребениот метален токмак во таа „пригода“ стана синоним за сето она што коалициските партнери не го искажуваат меѓусебе со зборови.

Според Тодор Чепреганов од Институтот за национална историја, за да се избегнат сите пресметки преку спомениците, потребно е да се направи широка дебата меѓу релевантните институции и научни работници за тоа дали и како треба да се чествуваат одредени личности и настани од македонската историја, со што би се избегнале сите политизирања.

Zerstörung Gedenktafel zum Gedenken an Mara Buneva Skopje Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Од 1991 година сме сведоци на обиди одредени историски личности да го добијат своето место во македонската историја и да бидат дел од споменичните одбележувања, а од друга страна се сквернават бистите и се настојува да се минимизира улогата на одредни личности од македонската историја и тоа особено на личности и настани од НОВ. Истото сценарио се повторува секоја година. На панахиди доаѓаат членови на организации од други држави, веат знамиња на туѓи држави што предизвикува реакции кај јавноста, а сето тоа се политизира и се става во рамките на 'добрососедските односи', па се обвинува едната страна нив ги нарушува. По осамостојувањето на Македонија како да стана практика спомениците да ги делат и политичките елити и граѓаните, а таа поделба во основа носи непомирливи идеи и ставови. Како да не можеме да сфатиме дека со почитување на оние кои живеат во нашата колективна меморија го покажуваме и нашиот однос кон сопствената историја и култура. Колку го покажуваме своето единство во однос на нивното чествување, толку ќе не почитуваат и другите“, вели Чепреганов.

Македонизација

И земјите од регионот кои делат заедничка историја, не се имуни на политизација на спомениците. Тоа минатиот месец го покажа случајот во соседна Бугарија, кога локален партиски лидер на ДСБ во Благоевград, беше приведен под сомнение дека го бојадисал споменикот на основачот на социјалистичката партија, Димитар Благоев, во стилот на Дедо Мраз. На обвинувањата од другите партии дека се работи за „вандалска постапка“ и сквернавење на симболот на градот, осомничениот Калојан Ханџиски изјави: „Благоев не е никаков симбол, тој се откажал од бугарско државјанство и се декларирал како Македонец. Каков идол може да биде тој?“, прашал Ханџиски и потсетил дека има решение на Општинскиот совет од 1990 година, според кое, споменикот треба да биде отстранет. Благоев е основач на Бугарската социјалистичка партија во 1891 година, а се изјаснувал како Македонец: „Јас не сум Бугарин, јас сум Македонец ...и како таков, јас сум за Македонија како словенска земја, која ќе има сопствена управа“. Во негова чест, на 9 мај 1950 година, Горна Џумаја е преименувана во Благоевград. Во Скопје неговото име го носи само мала улица во населбата Лисиче, која лани беше асфалтирана и тоа по многу поплаки од жителите. Апсурдно, но „функционира“.