1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не народот, туку банките да ја платат сметката за кризата

Александар Методијев/дпа/ројтерс14 декември 2012

Европските лидери се договорија рано утрово да притиснат за дополнителни чекори во поткрепувањето на своите финансии и да го одржат моментот за справување со должничката криза.

https://p.dw.com/p/172C3

Согласноста дојде ден по онаа за супервизија на банките и одобрување на помошта за Грција и по повеќе од осум часа разговори во текот на минатата ноќ. Сепак, на првиот ден од самитот не беа донесени некои поголеми одлуки и дебатата била сведена на вербално искажана посветеност да се оди нанапред.

Единственото конкретно барање што го направија лидерите е механизам во еврозоната кој треба да ги заштити даночните обврзници од трошоците за затворање или реструктуирање на проблематичните кредитори.

„Тоа значи дека даночните обврзници не треба во иднина да ја добиваат сметката, туку секторот ќе плати за да си ги реши своите проблеми“, појасни претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо.

Barroso PK beim EU Gipfel in Brüssel
Фотографија: Reuters

Оваа мерка треба да биде воведена во 2013-та година и се „смета за приоритетна работа“, објаснија по состанокот дел од европските лидери.

За другите идеи за поголема интеграција на еврозоната лидерите и’ дадоа задача на Европската комисија во јуни да презентира „можни мерки и временска рамка“. Таквите мерки вклучуваат координација на националните реформи, имплементација на договори меѓу земјите членки и ЕУ за поттикнување на растот и конкурентноста, како и примена на за сега до крај не дефиниран „механизам за солидарност“ со кој треба да се делува со поттикнување на земјите со такви договори. Тоа треба да биде „фонд за солидарност“ кој треба да им помогне на земјите членки кои страдаат од економските шокови.

Сепак, францускиот претседател Франсоа Оланд рече дека договорите за раст ќе бидат на доброволна основа, бидејќи лидерите нагласиле дека „тие треба да бидат различни врз основа на специфичната ситуација во секоја од земјите членки“. Тој додаде дека она што и’ е потребно во еврозоната е „координација на економските политики“ и дека „тоа е она што недостасува“.

„Сметам дека условите за излез од кризата во еврозоната сега се донесени заедно. Резултатот е тука. Довербата може да се врати“, рече Оланд по првиот од двата дена на самитот.

Но, договорените мерки за интеграција на еврозоната се разликуваат од оние кои ги заговараше претседателот на ЕУ Херман ван Ромпој за одделен буџет за блокот во кој е воведена заедничката европска валута. Против таквата мерка интензивно лобираа на пример Германија или Холандија. Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо во својата изјава нагласи дека при дебатата на европските лидери сите опции биле ставени на маса.

„Земјите членки денеска се договорија за она што сега може да се направи. Ниту една врата не беше затворена“, изјави Барозо.

Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека лидерите формулирале „патоказ“ за иден развој во монетарната унија. Меркел не изнесе детали за дискусијата на европските лидери.

Првиот чекор за продлабочена интеграција во еврозоната е направен со воведувањето на единствен банкарски супервизор, а за што претходно се договорија министрите за финансии од ЕУ. Според планот Европската централна банка директно ќе надгледува околу 200 големи банки од еврозоната со цел наметнување на стандарди, спречување на пропаѓање на банките и засилување на довербата во еврото.