1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не пукај во шалтерската службеничка

Драгослав Дедовиќ
23 декември 2017

Пример, Даночната управа. Тука си затоа што сакаш да им платиш ним. Ако мислиш дека е тука лесно на државата да ѝ дадеш пари, се лажеш. Сала со шест шалтери. На прв поглед. Подобро погледнато, таа сала е едношалтерска.

https://p.dw.com/p/2n5fB
Symbolbild zum Thema Bürokratie
Фотографија: picture-alliance/ZB

Првиот десно е затворен. Судејќи според слојот прашина пред него и навлечените завеси, тука одамна не се наслонил човечки лакт. Вториот шалтер е отворен. Тоа се гледа по сѐ - по редот кој на Балканот никогаш нема облик на колона, туку форма на грозд со гроздови кои сите до еден синхроно мислат дека до шалтерот води нивната права линија, додека сите останати се натрапници кои не го почитуваат нивното природно право на приоритетен пристап.

Тоа не се однесува само на корпулентните типови во тренерки кои зрачат тестотеронска нервоза или на молчаливите дедовци кои со достоинствено буткање на бастунот во тесниот простор меѓу двајца сопатници навестуваат дека во нив сѐ уште бие офанзивно срце јуначко, туку и на ситните домаќинки со остри лактови или на пренашминканите студентки со остар јазик.

Да, вториот шалтер.

Зад третиот шалтер, зад стаклото уморна жена со фризура од деведесеттите упорно некому му објаснува дека „ѝ цркнал“ компјутерот.

Четвртиот и петтиот шалтер се заградени со наслонот од клупата - граѓанството мора некаде да седне кога е толкава турканица. Од тоа заклучуваш дека лажните шалтери биле плод на погрешната архитектонска претпоставка дека идната администрација ќе има макар по еден човек за неколку стотици граѓани.
Конечно, пристапот до шестиот шалтер е блокиран со канцелариска маса, што би било и логично - граѓаните некаде мораат да ги пополнат долгите формулари - доколку на таа логика не ѝ се спротивставува ироничното отсуство на столче.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ

Веќе на следниот кат, на кој можеш да стигнеш само со повик, долгите ходници дијагонално ги претрчуваат сенки со регистри под пазувите. Таман ќе помислиш дека се наоѓаш среде апсурдна чиновничка фантазмагорија кога налетуваш на ингениозно смислен пресврт.

Работна маса, гломазна, речиси империјална, превртена е, подобро речено - исправена на страна. Така таа станала пулт на која и без столче може да пишува секој кој е повисок од метар и шеесет. Тоа додуша предизвикува ненамерна дискриминација на лицата пониски од метар и шеесет, но затоа одамна биле измислени високите потпетици.

По тоа се гледа дека вториот кат на истата даночна управа има повеќе фантазија од првиот, на кој масата за пишување само тивко им 'ржи на луѓето кои сакаат да пријдат до шалтерот. Овој дрвен капиталец со дадаистичка интервенција станал шанк на кој од нога можеш да ја испиеш својата чаша жолч, што би рекол Његош.

Иако со незавршена работа се симнуваш кон излезот, одушевен си од човечката инвентивност. А таму, на излезот, на стаклото на ротирачката врата која се заканува да стане стаклен кафез, здогледуваш налепница: црвен круг, а во него дијагонално прецртан пиштол.

Се насмевнуваш. Замислуваш тип во тренерка кој на пултот пред шалтерот вади „колт“, до него молба за враќање данок. Зад него, дедо се потпира врз зоља. Домаќинката од својот скут брише ребрест нож. А студентката садо-мазо затегната во црна еко-кожа пука тука и таму со поголема кубура.

Дали твојата одмаздничка фантазија веќе се реализирала во туѓи дела, па на вратата потоа ставиле знак за забрана на внесување оружје? Или е тоа знак од деведесеттите, кога вооружениот народ не сакаше да плаќа данок? Малку веројатно. Доколку некој милитант веќе ѝ се намерил на некоја шалтерска службеничка, на влезот по тоа би бил поставен анти-диверзантски тунел со два-тројца поранешни легионери во униформи на даночната управа. Од име на седативите за народниот бес би проработел макар уште еден шалтер. Пред тоа, пред него, претседателот на една балканска земја свечено би ја пресекол лентата, говорејќи директно во една камера за сите национални телевизии за епохалниот успех на својот реформски курс. А на катот, покрај превртената маса некој би поставил и шанк-столче. На горната површина на масата би трепкал и компјутер. На екранот би се вртела омилената изрека на премиерката на една балканска земја: Електронска управа.