1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нигерија пред хаос

22 јануари 2012

Нов напад во Северна Нигерија - 11 жртви. Исламистите на Боко Харам со терористички напади ја покажуваат својата моќ. Државата реагира доцна и беспомошно. Расте стравот од граѓанска војна.

https://p.dw.com/p/13o2w
Напад во Кано (20.01)Фотографија: Reuters

Во напад што денеска (22.01) се случи во регионот Баучи, во северниот дел на Нигерија, загинаа 11 луѓе. Жртвите се цивили, полицајци и припадници на безбедносните сили, кои биле на служба на еден контролен пункт. Освен тоа, во Баучи се нападнати и две цркви, но жртви нема.

Баучи е оддалечен на околу 300 километри од Кано, каде припадниците на исламистичката секта Боко Харам во петокот (20.01) убија околу 180 луѓе. Терористичките напади неколку часови ја втурнаа метрополата Кано во комплетен хаос и го проширија стравот од граѓанска војна. Целата земја полека оди кон хаос.

„Нигерија се наоѓа во алармантна состојба“, оцени безбедносниот експерт Мартин Еви од Политичкиот институт ИСС од Преторија уште на почетокот на јануари.

Претседателот на Нигерија Гудлак Џонатан на нападите во Кано реагираше доцна и некако беспомошно: „Како одговорна влада нема да седиме со скрстени раце и да гледаме како непријателите на демократијата вршат досега невидени злосторства во нашата земја“, рече Џонатан.

Сектата Боко Харам со месеци води фанатична војна за исламска држава и воведување на Шеријат (исламското право) во Нигерија. Само во 2011 година, според податоците на јужноафриканскиот Институт за безбедносни студии, жртви на терористички напади во Нигерија биле околу 3.000 луѓе, а повеќе од 10.000 се повредени. Мета на терористички напади се пред се’ христијаните и нивните цркви.

Автор: ЕМФ/дпа/дапд

Редактор: А. Методијев