1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

„Ние сме последни меѓу преживеаните“

Тања Кремер
27 јануари 2017

Таа молчела цели 40 години. Откако видела дека холокаустот сѐ повеќе јавно се негира, одлучила да проговори: за гетата, за маршовите на смртта и концентрационите логори... И за тоа како преживеала.

https://p.dw.com/p/2WUYa
Bilder von Häftlingen in Auschwitz Birkenau
Фотографија: DW/J. Hahn

„Минатото живее во мене, не можам да го сокријам“, вели Јудит Розенцвајг. Во староста, навираат спомени од детството. Јудит Розенцвајг е родена во 1930 година во тогашната Чехословачка. Во 1942 година, таа и нејзиното семејство биле депортирани во Терезин, а оттаму во 1944 година во Аушвиц. Ужасот на логорот го преживеала со својата мајка и сестра. Откако поминале низ логорите за присилна работа, последна станица бил концентрациониот логор Берген-Белзен. Нејзината мајка починала само една недела по ослободувањето, а татка си веќе никогаш не го видела. Кога имала осумнаесет годнини, во 1948 година, таа заминала во Израел, каде работела како медицинска сестра во детска болница и основала семејство. Денес има 87 години и живее во дом за стари лица во Хаифа. Домот е основан од иницијативата „Рака за помош на пријателите“, со цел да им се помогне на оние кои го преживеале холокаустот.

ДВ: Госпоѓо Розенцвајг, Вие бевте дете кога почна војната. Како го преживеавте тоа време?

Јудит Розенцвајг: Запишав во своите сеќавања: родена сум во рајот и од него сум протерана, исто како Адам и Ева. Родена сум во 1930 година и имав 9 години кога Германците влегоа во Чехословачка. Тогаш почнаа со различни наредби – не смееш во паркот, не смееш во кино. Потоа ги затворија училиштата за еврејските деца, не смеевме веќе да одиме на училиште, да учиме. Јас завршив само четири години од образованието. Кон крајот на 1941 година, почнаа да ги носат еврејските семејства во гетото. Моето семејство пристигна во Терезин во март 1942 година.

Judith Rosenzweig
Јудит РозенцвајгФотографија: DW/T. Kraemer

За времето во Терезин, врз основа на Вашите сеќавања, напишана е книгата „Девојчето од соба 28“...

Тогаш бев во соба со 29 други девојчиња. Креветите беа на три ката, на нив речиси и не можеше да се седи. Зад креветот имавме една летва на која ги остававме своите лични работи: четка за заби, чешел или чинија за супа. И тоа беше целиот животен простор за сите нас. Нашата воспитувачка правеше сѐ за да нѐ вработи. И нѐ подучуваше, иако тоа беше забрането.

Од Терезин, Вашето семејство беше депортирано во Аушвиц во 1944 година...

Возовите одеа постојано. Не знаевме што се случува со луѓето. Во октомври 1944-та нѐ испратија сите нас: мајка ми, татко ми, сестра ми и мене. Мојот брат тогаш веќе не беше со нас. Кога стигнавме во Аушвиц мажите беа ставени во еден, а жените во друг ред. Тогаш за последен пат, помеѓу другите мажи го видов својот татко. При пристигнувањето во Аушвиц, Менгеле (нацистички лекар кој вршел експерименти на затворениците и го надгледувал убивањето со гас) одлучуваше кој е способен и кој ќе оди да работи, а кој не, што значеше - кој ќе биде веднаш испратен во својата смрт. Мојата мајка, сестра и јас бевме испратени на работа. Нѐ испратија во една барака каде моравме да се соблечеме и да дадеме сѐ. Моравме да се истушираме, а потоа ни дадоа некоја тенка облека. Следниот ден повторно дојде Менгеле и одлучуваше за тоа кој ќе работи, а кој не.

Judentransporte Auschwitz
Транспорт на Евреи во Аушвиц, 1941-ваФотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com

Аушвиц беше ослободен во јануари 1945 година, а Вие, само неколку недели пред тоа, бевте испратени на принудна работа и потоа депортирани во Берген-Белзен...

Не бевме долго во Аушвиц. Бевме испратени да работиме на некое друго место, среде зима, пеш... А во февруари нѐ испратија со отворени вагони во Берген-Белзен. Тоа беше страотно место. Сите умираа од глад и болести. Стоевме со часови надвор, бидејќи ни беше кажано дека мора да нѐ пребројат. Таму бевме до април 1945 година, до ослободувањето. Често не бев при свест и мојата сестра и мајка постојано ме држеа од позади. Кога дојдоа англиските војници, сигурно беа шокирани кога нѐ видоа. Ни дадоа супа. Веднаш се почувстував подобро. Сестра ми беше болна, а мајка ми умре една недела по ослободувањето.

По војната се вративте во Чехословачка...

Кога сестра ми и јас се вративме дома, нашите браќа веќе беа таму. Но, куќата беше целосно ограбена. Тогаш им реков на браќата и сестрите дека ќе одам во Израел и дека нема да останам таму каде што не ме сакаат. Но, до моето заминување во Израел поминаа две години. Бродот од Марсеј за Јава отплови во 1948 година. Тоа беше 15 мај 1948-ма.

Кога во 1948 година пристигнавте во Израел имавте 18 години. Како Ве прифатија таму?

Прво нѐ испратија во хотел, а следниот ден нѐ прашаа кој каде би сакал да оди, за да добиеме автобуски билети. Јас сакав да одам во околината на Хаифа, кај мојата тетка. Тогаш сакав да одам на училиште, но бев престара. Немаше секогаш разбирање за тоа што ни се случи. Тогаш мојата тетка ме праша што сум преживеала во Европа. Почнав да ѝ раскажувам, а таа реагираше: „Ах, претеруваш!“. Поради тоа, 40 години јас за тоа воопшто не говорев. Дури кога сфатив дека низ светот се шири приказната дека холокаустот не се случил, почнав да зборувам за тоа.

Judith Rosenzweig
Многу е важно нашите сеќавања да не се изгубат, вели Јудит РозенцвајгФотографија: DW/T. Kraemer

Денес, на 87 години и натаму патувате и ја раскажувате Вашата приказна. Колку е важно да се сочуваат сеќавањата од тоа време?

За мене е важно, затоа што секогаш има луѓе кои ни велат дека тоа сме го измислиле. Бев неколку пати во Германија и го зборував тоа во училиштата. Многу е важно нашите сеќавања да не се изгубат. Мојата генерација е последната која го преживеа Аушвиц. Многу е тешко да се разбере што им е направено на Евреите и зошто е направено тоа. Тоа не смее никогаш да се повтори и тоа мора да се шири во целиот свет. Луѓето не смеат да бидат убивани поради нивната религија.