1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Ники Лауда - човекот што никогаш не беше губитник

Марко Лангер
21 мај 2019

Легенда! Кога самиот би го изговорил зборот, тогаш без дилеми тоа би било со австриски акцент кој му беше заштитен знак. Истовремено би бил и свесен дека токму тоа и беше: легенда на Формула 1!

https://p.dw.com/p/3Iooe
Niki Lauda
Фотографија: picture-alliance/APA/H. K. Techt

„Доста ми е од вртење во круг“, изјавил во 1979. Веќе во тоа време зад себе имаше спортска историја, која сите други би ги фрлила во сенка. Веќе имаше освоено две од вкупно трите титули светски првак и ја преживеа страшната несреќа. Подоцна следуваше повторното враќање во Формула 1. Таков живот води само некој кој со цело тело и душа му е посветен на спортот. Па така, тешко беше да се поверува кога кажа дека „му било доста од возење во круг“.

На Андреас Николас Лауда, кого цел свет го знаеше како Ники, и натаму му требаше темпото, натпреварот, ширината, борбата. Како бизнисмен и сопственик на повеќе авиокомпании не успеа, па повторно застана на нозе, претрпе удар од судбината, но никогаш не дозволи да биде исфрлен од стартната линија и патеката. 70-годишниот Ники од Виена никогаш не бил губитник.

Немаше помирување со дедо му

Неговите почетоци не биле едноставни – и покрај детство во богатото виенската населба Пецлајнсдорф, неговата влијателна фамилија сакала да го спречи да влезе во тркачкиот спорт, а дедо му Ханс Лауда, кој бил во Надзорниот одбор на Првата австриска банка, му го торпедирал првиот спонзорски договор. Животното осигурување со чија помош се задолжил во тоа време изнесувало два милиони шилинзи. Сѐ со цел да може да учествува во Формула 1.

Daniel Brühl
За Ники Лауда беше снимен и филм (фото: Даниел Брил како Лауда во филмот „Rush“ од 2013 година)Фотографија: picture-alliance/dpa

„Можеби затоа и станав толку добар“, вели насмеаниот Лауда во однос на почетните долгови во интервју за австрискиот медиум ОРФ. Тоа и беше посебното на ова интервју - Ники Лауда можеше да се види поднасмеан. Никогаш не се смири со дедо му. Ники Лауда подоцна многу жалеше за тоа.

Црн коњ на жолта позадина

Марч Форд, првите за кои возеше, банкротираа. Го прими тимот Б.Р.М, а тој продолжи да вози толку добро што Енцо Ферари му понуди договор да биде пилот на Ферари покрај Клеј Регацони. Тоа се тие горди Италијанци, кои беа толку жедни за успех, за титула, која „Скудерија Ферари“ ја сакаше и сака за себе. До ден денешен. Михаел Шумахер и Себастијан Фетел може да раскажуваат многу за таквиот став на црвениот тим со црниот коњ на жолта основа на својот грб.

Од 1964 луѓето од Маранело немаа освоено титула. Тој млад, самоуверен и храбар маж од Виена им ја врати самодовербата. Дека притоа нема да има обѕири кон никого се покажа во една епизода во 1973 година во Зандворт. Британецот Роџер Вилијамсон има несреќа и гори во неговиот болид. Лауда, исто како и други возачи, го одминуваат во своите болиди без да му помогнат. Не можел убаво да види, објаснува подоцна, и на провокација од репортер одговара дека „бил возач во трки, а не пожарникар“.

Заедно со Лука ди Монтеземоло и конструкторот Мауро Форгиери, Лауда работи на натамошниот развој на болидот на Ферари. Во 1975. тимот доминира во сезоната. Ники е неоспорен светски првак. Почеток на една славна ера. Што ли ќе следува натаму?

Niki Lauda
Лауда слави во 1975 годинаФотографија: picture-alliance/ASA

Изгубена кацига

Тоа се случи на 1 августи 1976 година, во трката за Големата награда на Германија на Нирбургринг. Во меѓувреме харизматичниот Џејмс Хант од Велика Британија е во трката. Пред почетокот на трката врне.

Подоцна во неговата книга Лауда пишува дека најверојатно му пукнал зглобот на десното задно тркало. Лауда се удира во една карпа по што автомобилот е во пламен. Неколку автомобили веќе пристигнуваат на местото на несреќата. „Автомобилите се приближуваа и јас ги предупредував“, раскажува Ханс-Јоаким Штук кој бил таму.

Многу возачи се обидуваа да го извлечат Лауда од автомобилот којшто гори. На Артуро Мерцарио му успева да го ослободи од безбедносниот појас. Во меѓувреме, од резервоарот истекуваат речиси 200 литри бензин и се палат. Само на аматерски снимки може да се види што се случува, бидејќи официјалните телевизиски камери го немаат тој агол во кадар. Лауда при несреќата ја загубил кацигата. Заштитата на лицето тогаш не беше толку безбедна како денес и никој не очекуваше дека може да се случи на возачите да им испадне кацига.

Deutschland Motorsport Nürburgring Niki Lauda Unfall 1976
1976: Хорор-несреќата на Ники Лауда на НирбургрингФотографија: picture-alliance/dpa

„Лекарите направија сѐ како што треба“

Потоа болничката кола се заглавува на патот. Со хеликоптер на болницата Аденауер тој е префрлен во воената болница во Кобленц, а потоа во клиниката во Лудвигсхафен.

Изгореници на кожата и тешки повреди на белите дробови. „Моравме добро да го анализираме ризикот со којшто бевме соочени тогаш. За среќа денес веќе не е така“, изјави Лауда подоцна за опасните ситуации во трките во денешно време. Како последица од лековите му ослабеа бубрезите. Неговиот брат Флоријан во 1997 година му го донираше првиот бубрег, а подоцна неговата сопруга му го донираше вториот. Поради оштетените бели дробови од кои страдаше Лауда, имаше потреба од нова трансплантација на органи.

„Градите ми беа најголем проблем, но лекарите направија сѐ како што треба и повторно се вратив," раскажуваше Лауда. Само 42 дена по операцијата Лауда повторно седна во Ферари. Италијанците во меѓувреме најдоа замена што го стимулираше Австриецот. Во Монца беше повторно четврти.

„Неговиот камбек по несреќата беше нешто најхрабро што сум го видел“, изјави неговиот колега Џеки Стјуарт. И потоа? Втора титула во 1977, заладување на односите меѓу Енцо Ферари и Лауда, повлекување во 1979 и основање на авиокомпанијата Лауда Ер. Во 1982 година тој повторно се враќа во Формула 1 со Мекларен. Две години подоцна Лауда повторно е светски првак со што го вознемири неговиот конкурент и тимски колега во Мекларен, Алан Прост. Кога Лауда во 1985 година и конечно се повлече, доминацијата на Прост беше таа што го остави позади.

Само овој спортски живот е доволен за да се напише еден богат портрет, дополнет со интересни детали. Она што следеше потоа, весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го опиша како: „Неуморен и сестран“. Од спортска ѕвезда тој стана бизнисмен со лиценца за пилот. Не секогаш успешен, но и тука ја применуваше стратегијата за преживување. И тука се случи еден настан кој го драстично му го промени животот на Лауда

Niki Lauda Laudamotion
Втората кариера Лауда ја озгради во авиобизнисотФотографија: Reuters/L. Foeger

Авионска несреќа во Тајланд

26 мај 1991 година. Лет на Лауда Ер 004 од Бангкок до Виена. При полетување левиот мотор на Боингот 767 автоматски се префрла во друг модус и откажува. Леталото се урива во Тајланд и притоа гинат 223 лица. 

Подоцна беше утврдено дека несреќата е предизвикана од погрешно конструиран вентил. Лауда изјави дека оваа несреќа е пострашна од неговата лична несреќа. Со своето црвено капче, кое му стана знак на препознавање, тој веднаш замина на местото на несреќата и гледаше како мештаните пребаруваат низ расфрланите лични работи на настраданите. „Таа сцена нема никогаш да ја заборавам“, изјави Лауда.

„Сѐ на сѐ, Ники е човек со инстинкт за преживување", вели белгискиот тркач Џеки Икс. Неговиот колега Лауда во меѓувреме стана најуспешниот и, поради неговата компетентност, високопочитуван телевизиски коментатор на РТЛ. „Тој сѐ уште е тука и тоа само по себе е успех“, вели Џеки Икс.

Niki Lauda Absturz Boeing 767 der Lauda Air in Thailand
Ники Лауда на местото на авионската несреќа во ТајландФотографија: picture-alliance/dpa

Трансплантација на бели дробови во Виена

Летото 2018 година здравствената состојба му се влошува. На Лауда мора да му се изврши трансплантација на белите дробови. Опоравувањето од тешката операција одеше многу тешко и бавно. Повторно беше хоспитализиран во јануари годинава откако заболе од грип. По повод неговиот 70. роденден на 22 февруари, Лауда во куса видео порака емитувана на ОРФ се заблагодари со зборовите: „Ќе се вратам со полна брзина.“ Но желбата не му се оствари. На 20 мај 2019 година Андреас Николаус Лауда почина. Зад себе остави сопруга и пет деца.