1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

190809 Elektro-Autos Twike

23 септември 2009

На Меѓународниот саем за автомобили во Франкфурт, акцент е ставен на автомобили на алтернативен погон. На европските патишта, електромобилите се реткост. Како е да се има електромобил? Семејството Плис поседува „Твајк“.

https://p.dw.com/p/JmAC
Твајк е конструиран ов ШвајцаријаФотографија: FINE Mobile GmbH

Еден од 450-те „Твајк“ автомобили во Швајцарија поседува и брачниот пар Плис. 65 годишниот Самуел Плис објаснува зошто половина од вкупно продадените „Твајк“ во светот, се продадени токму во Швајцарија: „Тоа е швајцарски изум, како таков беше рекламиран и мислам дека во Швајцарија се произведува околу 10-15 години. Затоа многу луѓе во Швајцарија знаат за ’Твајк’.“

Освен тоа, автомобилот одговара на швајцарската географија. Швајцарија е ридеста - ако се вози надолу се создава струја што ги полни батериите. За 60-годишната Верена Плис, која со Твајк патува до работното место, електромобилот има многу предности. Една од нив е паркирањето: „За мене е многу поедноставно отколку со друг автомобил зашто е лесно. Излегувам од Твајк и можам со рака да го сместам во просторот за паркирање.“

Минати 100 километри со струја која чини 80 центи

Твајк може да се полни со електрична енергија на нормален штекер во домаќинството. Зависно од капацитетот на батериите, потоа со него може да се вози до 200 километри. Трошоците за струја на 100 километри е само 80 центи. Помали се и трошоците за сервис на електромобилот - само 200 евра годишно. Затоа, пак, цената на Твајк е висока - 20.000 евра. Освен тоа, секои пет до седум години мора да се менуваат батериите. Според Верена Плис, има и уште еден недостаток - нема доволно место: „Се разбира, не можам да сместам во еден Твајк четиричлено семејство. Местото е ограничено - можат да седнат двајца, и има уште место за малку багаж.“

Elektroauto Twike
Еден Твајк чини 20.000 евраФотографија: DW

Сепак, и покрај се‘, за брачниот пар Плис едно е јасно - Твајк е еколошко и идеално возило.

Твајк не е само возило, туку е животен стил

Сопственик на еден Твајк е и 49 годишниот Јозеф Книл. Книл влегува во еден затворен паркинг во Цирих, застанува пред натпис „Електро-автомобили“, го отвора покривот на возилото, вади од возилото долг кабел со штекер и го вклучува во струја во ѕидот за да наполни струја, која овде ја добива дури и бесплатно. За Јозеф Книл, Твајк не е само возило кое го пренесува од точката А до точката Б, туку е животен стил: „Порано сакав да ’летам змаеви’. Кога се седи овде со џојстик в рака, на човек му се чини дека седи во летачка едрилица и дека така се вози наоколу. Човек е пилот на улица.“

Во меѓувреме, батериите се полни. Книл го вади штекерот и влегува повторно внатре. Тоа не е едноставно. Мора да се качиш одозгора, притоа држејќи се за возилото и да се „лизнеш“ во Твајк како во када. На подот од возилото не смее да се стои - електромобилот е направен од алуминиум и пластика, па може да се појават неубави испакнатини. Откако ќе се влезе внатре, следува врзување со појас, стартување на моторот и на компјутерот. Потоа се спушта покривот и се вклучува светлото. Книл покажува на џојстикот на средината од Твајк. Со него се управува.

„Ќе возиме малку во паркингот надолу. Сега повторно создаваме струја зашто возилото се движи надолу, а тогаш моторот станува генератор и создава енергија. Сто метри возење по удолнина создава струја за околу еден километар возење.“

Автор: Афра Галати / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска