1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Никола Саркози на суд поради корупција

ЖА / агенции
23 ноември 2020

На поранешниот француски претседател му се суди поради обвиненија за корупција и вршење илегално влијание врз судството, му се заканува казна затвор од десет години.

https://p.dw.com/p/3lhzM
Nicolas Sarkozy
Фотографија: picture-alliance/EPA/E. Lemaistre

Обвинението го товари 65-годишниот Никола Саркози за подмитување и нелегално вршење влијание врз судството, поради што му се закануваат десет години затвор и парична казна во милионски суми. Поранешниот претседател го негира обвинението.

Никола Саркози беше претседател на Франција од 2007 до 2012 година. Две години по завршувањето на неговата функција, според убедувањето на истражителите, се обидел да поткупи еден обвинител со цел да стигне до информации за тековната постапка против него.

Саркози е обвинет заедно со својот поранешен долгогодишен адвокат Тјери Херцог. Судскиот процес, кој ќе трае до 10 декември, се смета за досега беспримерен, зашто толку тешко обвинение против поранешен шеф на државата не се случило во „Петтата Република", формирана од легендарниот Шарл де Гол во 1958 година. Но, не е првпат на обвинителна клупа да се најде поранешен станар на Елисејската палата. Претходникот на Саркози, Жак Ширак, во 2011 година беше обвинет за проневера за време на неговиот мандат како градоначалник на Париз и осуден на условна казна од две години. Меѓутоа, поради здравствени проблеми, Ширак тогаш не мораше да се појави пред суд.

Повеќе на темата:

Саркози мора на суд поради аферата со поткуп

Саркози: Јас сум жртва на клевети

Дали Гадафи ја финансирал кампањата на Саркози?

Никола Саркози во притвор

Саркози во пресрет на почетокот на процесот најави дека е борбен и ќе се појави за да одговори на сите прашања.

Но, уште на самиот почеток на невообичаениот судски процес, се шпекулира околу можен прекин: еден друг обвинет, 73-годишниот правник Жилбер Азиберт, од здравствени причини побарал одлагање на постапката.

Аферата е инаку комплицирана. Саркози во 2014 година се обидел преку својот адвокат да дојде до тајни информации кај правникот Азиберт, кои се однесуваат на друга афера. Азиберт тогаш бил главен обвинител во Касациониот суд, највисокиот во земјата. Екс-претседателот во замена понудил поддршка за правникот при неговата кандидатура за висока позиција во Кнежевството Монако.

Обвинението против Саркози се темели на прислушуваните телефонски разговори на политичарот со адвокатот Херцог. Околу правната основа за прислушувањето се водеше жесток спор. „Вакво однесување постои во светот на господин Путин, но ние живееме во земја каде важат човековите права", жолчно контрираше Саркози во телевизиски настап, алудрајќи на рускиот претседател Владимир Путин. Саркози и Херцог пред судот треба да одговорат зошто при разговорите користеле мобилни телефони набавени под псевдонимот Паул Бисмут. Апаратите тогаш биле прислушкувани поради постоењето сомнение дека Саркози добил пари за изборната кампања во 2007 година од Либија. Саркози ги доби изборите како претставник на граѓанската десница во дуелот со социјалистичката противкандидатка Сеголен Ројал.

Но, без оглед на проблемите со судството, во својата татковина Никола Саркози е ценет човек. Неговите мемоари „Време на бури" летоска станаа бестселер. На свеченостите по повод крајот на Првата светска војна, тој можеше да се види заедно со својот наследник на функцијата Франсоа Оланд и актуелниот француски претседател Емануел Макрон. Во таборот на граѓанската десница, потресуван од кризи, уште постои надеж за „камбек": „Многумина од нас посакуваат враќање на Никола Саркози", изјавил влијателниот конзервативен пратеник Ерик Сиоти за весникот „Ле монд". Партијата на републиканците со години е во потрага по водечка личност за претседателските избори по еднаипол година.