1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ниски удари за членство или за превласт?

Костадин Делимитов10 јули 2013

Здружението на новинари предупреди на притисоци и уцени врз новинари да членуваат во Македонската асоцијација. МАН демантираше и се закани со тужби, иако ЗНМ посочи кон луѓе блиски со власта. Реагира и Брисел

https://p.dw.com/p/194op
Фотографија: MIA

Информацијата дека Здружението на новинарите на Македонија и Македонската асоцијација на новинари имаат судир е неточна и неприфатлива, коментира за Дојче веле Драган Секуловски извршен директор на ЗНМ. Два дена по јавните препукувања околу информациите за притисоци врз новинари да станат дел од МАН што кулминираа дури и со закани за тужби, страстите се смируваат, но препукувањата продолжуваат. Од ЗНМ велат дека немаат никаков конфликт со ниедно граѓанско здружение напротив, туку напротив соработка со повеќе организации на локално и интернационално ниво како членка на Интернационалната федерација на новинарите. Сепак се зачудени зошто МАН реагирал на нивните предупредувања кои воопшто не биле упатени на нивна адреса:

„Жалбите кои стигнаа до Здружението од новинари дека со притисоци и уцени од страна на претставници на централната и локалната власт биле принудувани да бидат зачленети во МАН за ЗНМ е атак на уставното начело за слобода на здружување на новинарите за остварување на нивните права. ЗНМ реагираше против овие притисоци, повторно ставајќи се во одбрана на новинарите кои тврдат дека биле уценети со работните места. Нашето укажување беше кон претставниците на централната и локалната власт дека притисокот врз новинарите мора да престане, останува нејасно зошто МАН се почувствуваа повикани“, смета Секуловски.

Обвинувања за притисоци

Македонската асоцијација на новинари реагираше дека ЗНМ изнесува тенденциозни шпекулации опасни за новинарската фела бидејќи се загрижени за својот монополски статус и парите што ги добивале од домашни и странски извори. Предупредуваат дека мора да се почитува слободата на секој граѓанин, а особено на новинар со кого и како ќе се здружува и кого ќе поддржува. „Никој нема право да присилува или притиска новинари, ниту некаде да членуваат, како што нема право да врши притисок против неговиот избор да членува во МАН“, вели во изјава за Дојче веле генералниот секретар на асоцијацијата Драган Павловиќ- Латас:

Naser Selmani
Насер Селмани, претседател на ЗНМФотографија: Petr Stojanovski

„Насер Селмани и ЗНМ многупати вршеле притисоци врз новинари да не членуваат во МАН, паралелно со понудите од Сорос, кој нуди пари за проекти само за членови на ЗНМ, односно ако не сте член на МАН.

ЗНМ и Насер Селмани вршеа притисок врз новинари на МТВ, како што сега вршат во неколку градови во внатрешноста врз новинари да не членуваат во МАН. Тоа само ја покажува нивната комунистичка и информбировска култура и сфаќање на политиката и новинарството, која до ден денес останала иста и во рамките на интересите на СДСМ“, реагира генералниот секретар на МАН Драган Павловиќ Латас.

Колегијалност наместо личен интерес

Од ЗНМ се сомневаат дека со своите активности се некому трн во око. Во напорите за подобрување на условите за работа на новинарите велат дека за прв пат се свртеле кон колегите, а не кон личните интереси. Фокусот им биле реформите како што е Законот за декриминализација, битката за новиот закон за медиуми изработен по европски терк и стандардите на Советот на Европа и ОБСЕ, како и основната и главна активност, разрешување на инцидентот од 24 декември кога новинари беа избркани од галеријата на Собраниската сала меѓу кои беше и првиот човек на ЗНМ Насер Селмани. Овој инцидент е основната причина поради која запре дијалогот со Владата во очекување на одговори на прашањата зошто и кој нареди новинарите да бидат грубо исфрлени:

„Ваквите активности можеби на некому му пречат. Откако е поставено новото раководство неговите членови, а особено претседателот се честа мета на напади и тоа дури по национална и верска основа. Ваквите напади не ги вознемируваат членовите зошто знаат што и за кого работат. Иако се често етикетирани како продолжена рака на политиката, сепак резултатите и бенефициите кои ги добиваат новинарите ги демантираат сите злонамерни коментари и напади“, смета Секуловски.

„За разлика од ЗНМ, кои се создадени врз основа на партиска волја и пото функционираат со државни, дипломатски и соросоидни пари,  МАН е создадена врз основа на слободна волја на новинари и никогаш не користела дипломатски, соросоидни или државни пари. И основна разлика меѓу ЗНМ и МАН е слободата и независноста во делувањето, од создавањето, па до денес“, реагира Павловиќ Латас.

Mazedonien Journalistenverband
Преговори на претставници на ЗНМ со владатаФотографија: MAKFAX

За целиот случај се огласи и Европската комисија со забелешка дека здруженијата и членовите не треба да бидат предмет на притисоци, кои доколку постојат треба да бидат осудени.

„Новинарите имаат демократско право да формираат и да учествуваат во здруженија кои тие ги чувствуваат за најблиски до сопствените верувања“, изјави портпаролот на еврокомесарот за проширување Петер Стано. Состојбата со медиумите и слободата на информирањето е една од константните забелешки во извештаите на меѓународните институции за Македонија и регионот. Европската Унија повеќепати предупреди дека слободата на медиумите е еден од значајните сегменти во преговорите за членство.