1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нишани им оддава признание на Албанците во Македонија

Мимоза Чика-Кељменди / Е.М.Фиданоска26 април 2013

Договорот на Србија и Косово е историски чекор, чие спроведување ќе ги релаксира односите меѓу Албанците и Србите, но и во целиот Западен Балкан, вели во интервју за Дојче веле албанскиот претседател Бујар Нишани.

https://p.dw.com/p/18Ns3
Фотографија: DW

Албанскиот претседател Бујар Нишани, во интервјуто за ДВ, меѓу другото, зборува за односот на Албанија со земјите во регионот во кои има албанско малцинство. Според него, Албанците треба да работат на изградба на иднината на земјите во коишто живеат:

„Денес, пет години по прогласувањето независност на Косово, косовското општество и државните институции на Косово докажаа дека функционираат и дека можат да ги спроведат принципите на мултиетничка држава, со максимално почитување на сите етникуми кои живеат во Косово. Имав можност да го изразам и моето најголемо признание и останувам и натаму на ова признание, на Албанците во Македонија, кои се многу важен елемент за егзистирање на македонската држава.

Сметам дека соживотот на Албанците и Македонците и придонесот на Албанците и Македонците за нивната заедничка држава Македонија е неопходност и голема вредност за иднината на двата народа, Албанците и Македонците и нивните деца. Ја ценам мирната и стабилизирачка улога што Албанците ја имаат во Црна Гора. Се разбирам, високо го ценам нивниот придонес за зачувување на својата култура, јазик и национално наследство“, вели Нишани.

Bujar Nishani
Албанскиот претседател Бујар Нишани во разговор со новинарката на ДВ Мимоза Чика-КељмендиФотографија: DW

Албанскиот претседател нагласува и дека секогаш им давал поддршка на Албанците во Прешевската долина да го зачуваат својот јазик, обичаи и егзистенција во државата кадешто живеат, исто како што ги охрабрувал и српските власти да ги третираат Албанците како рамноправни граѓани.

„Албанија никогаш во минатото немала конфликти со соседите, ниту ќе има во иднина. Нема територијални претензии, туку мирен соживот, зашто хармонијата меѓу луѓето, независно од нивното етничко потекло, верска припадност, или различни социјални и политички ориентации, е единствен пат за најдобар можен живот на луѓето“, вели Нишани во интервју за ДВ.