1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ништо ново ни во претпоследната рунда преговори за статусот на Косово?

20 ноември 2007

На преговорите со посредство на „тројката“ Белград и Приштина ќе инсистираат на своите претходно изнесени предлози. Косовската страна најавува дека сите наредни потези ќе ги координира со меѓународната заедница.

https://p.dw.com/p/CPa0
Досегашните преговори не донесоа напредокФотографија: AP

Меѓународната тројка, составена од претставници на САД, ЕУ и Русија, денеска во Брисел прво имаше одвоени консултации со делегациите на Белград и Приштина, пред тие да се сретнат попладнево на директни разговори. Страните во преговорите истакнаа дека мора да сторат се’ за да дојдат до компромис до 10-ти декември, но косовските Албанци сметаат дека најголем компромис, всушност, е независноста на Косово. Затоа и понудија предлог за добрососедски односи меѓу Косово и Србија.

Косовската делегација денеска се состана и со шефот на дипломатијата на ЕУ Хавиер Солана, по што претседателот Фатмир Сејдиу изјави дека косовските Албанци секако ќе ги координираат своите активности и потези со меѓународната заедница, но мораат да ја почитуваат и волјата на косовскиот народ.

Солана синоќа се состана со претседателот на Србија Борис Тадиќ, а денеска и со премиерот Воислав Коштуница. Српската страна уште еднаш повтори дека нема да прифати никаква независност на Косово, а решение треба да се бара со почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија. Белград предлага односите на Србија со Косово да бидат уредени според моделот на Хонгконг со Кина, односно според принципот една држава, два система.

Косовската делегација тврди дека нема да прифати ништо помалку од независност

Пред тргнувањето за Брисел тоа го повтори и претседателот на Косово Фатмир Сејдиу, кој предупреди oд повторени обиди за блокирање на процесот: „Ние не сме подготвени да бидеме ничии заложници. Парламентот на Косово, кој ќе биде наскоро конституиран, ќе донесе соодветно решение, но тоа ќе биде координирано со пријателите на Косово“.

Меѓународната заедница неколкупати ги повика косовските Албанци да не прогласуваат еднострана независност. Тој повик му е посебно упатен на победникот на изборите Хашим Тачи. Тој, меѓутоа, уште еднаш повтори дека ќе нема пребрзо донесени решенија: „Сите наши решенија и по 10-ти декември ќе бидат координирани со Вашингтон и Брисел. Ќе имаме брзи и ефикасни решенија, кои ќе отворат перспектива за нашата земја“.

Бахри Цани / З. Јордановски