1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ни Заев ни Бучковски сега не треба да одат во Софија

25 јуни 2021

Во Бугарија сите се преокупирани со избори и премиерот не треба да оди таму, туку да продолжи да остварува средби со високи функционери на ЕУ и со лидери на земји- членки, вели Стојан Андов

https://p.dw.com/p/3vXG3
Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev
Фотографија: Government North Macedonia

Триумфалистичката изјава на бугарскиот претседател Румен Радев во Брисел, во која се пофали за успехот во справувањето со „неверојатниот притисок“ од европските партнери за одобрување почеток на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, наиде на уште еден бран незадоволство во Скопје. Тој потенцираше дека „привремената влада вложила големи напори за да ги надополни сите години во кои европските партнери никогаш не биле во можност да слушнат значајна, аргументирана бугарска позиција на високо ниво" - изјава со која упати критика кон претходната влада на Бојко Борисов.

Постојаното инсистирање на „една единствена аргументација и вистина“ - бугарската, ги прави беспредметни напорите на македонските власти за разговори за спорните прашања со соседна Бугарија. Особено, што премиерот Заев и по второто бугарско вето децидно изајви дека не се откажува од натамошни напори за барање решение.

„Тие што ме знаат, знаат дека не се откажувам - ќе одам во Софија и повторно и повторно и повторно, и ќе барам решение“, порача Заев по второто вето од Бугарија.

Концентрирање на проблемите во земјата

Ако се има предвид дека Бугарија е во предизборен период за парламентарните избори на 11-ти јули, дека потоа ќе треба време за да се конституира новата влада која би била легитимен соговорник за спорните прашања, но и дека во втората половина од годината ќе има претседателски избори, извесно е дека потенцијалните разговори меѓу Скопје и Софија би требало да се случуваат во сензитивен период. Дали во такви околности македонскиот премиер треба повторно да оди на разговори во Сoфија?  

„Во овој момент не треба да се оди во Бугарија, затоа што таму се преокупирани со претстојните парламентарни избори", смета поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.

„И да оди повторно во Софија, премиерот Заев реално нема со кого да разговара таму, бидејќи сите се преокупирани со изборите. Има време за посета. Ни Бучковски не треба сега да оди во Бугарија. Добро е премиерот да продолжи да остварува средби со високи функционери на ЕУ и со лидери на земји - членки, како што беше онаа со францускиот претседател Емануел Макрон, и да создава односи на разбирање. Умилкувања не помагаат, тие се надмината работа. Треба да се промовираат јасни пораки - да кажеме дека точно знаеме што сакаме, дека сме подготвени да работиме за да го оствариме тоа што го сакаме, и дека имаме црвени линии“, сугерира Андов. 

Тој потсетува дека многу напори се вложени за да се стигне до Преспанскиот договор кој останува трајна вредност и затоа мора да се внимава на изјави кои се однесуваат на него.

„Да не заборавиме дека за нас се значајни односите со Грција и мора да бидеме многу внимателни, да не се затрчуваме со изјави кои потоа може да бидат користени против нас", предупредува тој.

Според Андов, сега е поважно концентрирањето на проблемите во земјата.

„Можеби на Заев му треба да покаже дополнителни активности на сите полиња во пресрет на локалните избори, но најважно е да видиме како стојат работите дома по некои клучни прашања. Засега сме во добра позиција во справувањето со короната, таа криза спласнува. Сега е важно да се концентрираме на справување со криминал и висока корупција. Не може да се затвораат очите пред тоа. Јас сум одамна пензионер, немам право да ги учам политичарите, ама кога ме прашуваат новинари, можам да ги изнесам моите искуства, оценки и погледи“, вели Андов.

Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Спонзорирана позиција

И поранешната пратеничка, Ѓулистана Марковска, смета дека упорноста е позитивна особина на секој политичар, но дека ова не добар период за нова серија разговори со источната сосетка.

„Во овој предизборен период, македонско-бугарските преговори треба да се стават во мирување, за да не дозволиме Македонија да биде предизборна алатка на било која бугарска политичка опција која ќе билда рејтинг и ќе ‘освојува’ гласови на сметка на нашето достоинство. Упорноста е позитивна особина на секој политичар. За поздравување е упорноста на премиерот Заев да се изнајде решение, се разбира не било какво, и не во услови кога истата упорност може да биде употребена или злоупотребена во некоја политичка кујна. Преговорите треба да продолжат по изборот на нова легитимна политичка Влада на соседна Бугарија и се разбира со јасна рамка“, вели Марковска.

Притоа, смета дека е важно да се расчисти со манипулативното „покривање“ на сосетката со Копенхашките критериуми.

„На нашите европски партнери треба да им се укаже дека под флоскулата ‘добрососедски односи’ Бугарија ги погазува Копенхашките критериуми, а ние стануваме  нејзините заложници! Второ и не помалку важно, e дека на секој наш граѓанин со здрава логика, одамна му е јасно дека во неразумните бугарски барања соседна Бугарија нe е сама, без некој помоќен ‘спонзор’ - противник на проширувањето. Впрочем,Бугарија не е еталон на европските вредности според степенот на развој на демократијата, владеењето на правото, степенот на корупција.... Тоа значи дека не е најсветол пример на европски вредности. Се разбира дека тоа не е наша грижа. Ама ако некој историјата ни ја ‘продава’ како европска вредност, имаме право да укажеме на тоа. Тешко дека тука ќе помогне потчукнувањето по раменици во знак на поддршка или излитените фрази од типот ‘искрено жалиме’. Ние го исполнивме нашиот дел, на потег е Европа. Некој ќе праша - како? Европа ќе си најде начин, ако не сака во нејзините географски граници да дуваат неповолни ветрови. Патем, евроскептицизмот е во пораст“, посочува Марковска.

До каде ќе одат во „одбраната“?

Радев вчера од Брисел порача дека „Софија се придржува до копенхашките критериуми за членство и не може да ја игнорира дискриминацијата на граѓаните во Република Северна Македонија, само поради нивното самоидентификување како Бугари, што е спротивно на европските вредности".

„Загрозеноста на Србите' во Хрватска, Босна и Косово беше клучниот националистички аргумент на Слободан Милошевиќ во неговата политика која доведе до непријателства и војни по кои имаше многу жртви и страдања а тој заврши во Хаг“, потсети на Фејсбук поранешниот македонски амбасадор во Софија, Ѓорги Спасов.

„ЕУ и САД треба да го следат речникот на Румен Радев и на другите бугарски националисти, кои од тврдењата за ‘непочитување на Договорот' од македонска страна и наводниот говор на омраза во Македонија против Бугарите, дојдоа до тврдењата за некаква ‘дискриминација и загрозеност на Бугарите во Македонија' кои веројатно ‘тие имаат света должност да ги спасуваат' како во Првата, во Втората балканска војна и во време на Втората светска војна, во кои секогаш доживуваа пораз, но не извлекуваа поука. Време е генералот Радев и сите потписници на Рамковната позиција, и нивниот европратеник Џамбаски, да им соопштат на САД и на ЕУ до каде се спремни да одат во ‘одбраната на Бугарите во Македонија’ и за што ја подготвуваат бугарската јавност“, пишува Спасов.

Toj укажува дека Македонија е должна е да потсети на „веќе видени работи на Балканот" поради ароганцијата на голем број балкански националисти кои сега ги има и во земји членки на ЕУ.