1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ни професионален политичар, ниту водач на револуција

18 март 2012

Тој одамна ја имаше довербата на мнозинството Германци и сега е избран за 11-ти германски Претседател. Јоахим Гаук е добро решение за Германија, коментира Уте Шефер.

https://p.dw.com/p/14MTb

Претседател кој ги освојува срцата на граѓаните? Тоа е точно. Популарноста на Јоахим Гаук во секој случај не може да се оспори. Зад овој опозиционер од времето на Германската Демократска Република стојат сите парламентарни партии со исклучок на Левицата - партијата на реформираните источно-германски комунисти. Гаук ужива поддршка и кај 80 насто од граѓаниет на Германија. Ова се извонредни претпоставки за добар почеток, бидејќи Јоахим Гаук најави дека сака да биде претседател на сите граѓани, дека сака да биде претседател кој бара директен дијалог. Политичар кој не ги избегнува темите со кои се занимаваат граѓаните и кој е заинтересиран за тоа политиката и политичарите да бидат сервис на граѓаните во Германија.

Политиката и општеството треба да преземат одговорност

Политиката, пак, од Гаук очекува на функцијата претседател да и’ го поврати достоинството, кое трпеше последици со предвремените оставки на неговите двајца претходници. Граѓаните на Германија бараат новиот претседател да се заложи за теми кои се од нивни интерес: социјалната праведност, подобра политика кон семејството, како и подобар соживот меѓу Германците од истокот и од западот на земјата - 22 години по повторното обединување на Германија. Ова се теми кои на Гаук подобро му лежат отколку, да речеме, финансиската криза или германската надворешна политика. Тој сака политиката да ја доближи до општеството. И обратно. Затоа што единствено ако и политиката и општеството преземат сопствена одговорност во рамките на еден демократски систем е можно да се гарантира развој и одбрана на демократијата, правната држава и слободата на поединецот.

Заштита на граѓанските права, негување на слободата

Kommentar bulgarisch

Одговорноста и слободата се вредности на кои се обврза Гаук. За тоа постојат и лични причини, бидејќи токму Гаук, кој е роден во 1940-та година и живеел во диктатурата без граѓански права во ГДР, цел живот се има борено за тоа. Денес во обединета демократска Германија, Гаук од своите сограѓани интензивно бара да се залагаат за тие права и вредности. Активно политички да се ангажираат и да истрајат на сопственото право на глас. Гаук пред се’ ја критикува политичката апатија и културата на замор од демократските вредности. Граѓанскиот ангажман според него е гарант за развојот и напредокот на едно општество, бидејќи само така политиката ќе биде достапна и разбирлива.

Тоа се теми кои Гаук си ги предодреди себеси при извршувањето на највисоката функција во државата. Тоа се теми кои воедно го имаат одбележено неговиот живот и кои се дел од неговите уверувања. Како протестантски свештеник во Источна Германија, Гаук често бил приморан на одење по тенка жица меѓу храброста и прилагодувањето. „Ние сме народот“ - во овој слоган на граѓанското движење во Источна Германија, на кое му припаѓаше Гаук е скриено и барањето: вратете ни ги нашите права, ние сами знаеме да одлучуваме за нашата судбина.

Гаук за време на падот на Берлинскиот ѕид се бореше за зајакнување на граѓанските права во еден тоталитарен систем. Падот на диктатурата на Германската Демократска Република е настанот кој го одбележа целиот негов живот.

Ни лево ниту десно

Уверувањата на Гаук се теми кои не можат да се распоредат ниту во левиот ниту во десниот политички спектар. Тој самиот себеси еднаш се опиша како „лев либерален конзервативец“. Тоа е еден вид провокација, како за политичарите така и за весниците. Но, граѓаните на Германија ова надпартиско позиционирање не го гледаат како слабост, туку како предност. Во предностите на Гаук спаѓа и тоа дека тој себеси не се смета за професионален политичар, а ни водач на револуција. Некои негови тези се можеби полемични и провокативни, но новиот германски претседател е личност која се залага за дијалог и дискурс. И поради тоа од новиот човек на функцијата Претседател може и могу да се очекува . Но пред се’ да биде некој кој јасно и гласно без влакна на јазикот ќе говори за незгодните теми и да поттикнува општествени дискусии. Тоа би и годело на функцијата Претседател, но и на самата земја.

Автор: Уте Шефер

Превод Симе Недевски

Редактор: Александар Методијев