1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова банкнота од 10 евра

Маркус Литке/Б. Георгиевски13 јануари 2014

Европската централна банка претстави нова банкнота од 10 евра. Новата банкнота, која ќе биде уште потешка за фалсификување ќе биде пуштена во оптек на 23 септември 2014 година.

https://p.dw.com/p/1Apl9
Фотографија: picture-alliance/dpa

Главна причина за воведувањето на новата банкнота, според Европската централна банка е во тоа што при нејзината изработка се користи подобра технологија против фалсификување и што таа ќе има подолг век на траење. ЕЦБ минатата година почна со замена на банкнотите во апоени од пет евра. Сега на ред се банкнотите од 10 евра, а подоцна ќе се заменуваат и оние во апоени од 20, 50, 100, 200 и 500 евра.

ЕЦБ новите банкноти ги нарече „Серија Европа“ бидејќи го носат ликот на Европа од грчката митологија, по која Стариот континент и го добил името. Се работи за вазна стара повеќе од 2.000 години од југот на Италија. Таа вазна од една страна се појавува како воден жиг, а на другата како холограмска лента.

Иако последните години не е зголемен бројот на фалсификуваните банкноти, ЕЦБ со воведувањето на новите сака да оди чекор пред криминалците. Но, она што се зголемува е квалитетот на фалсификувањето, вели Лео Клајнханс од германското биро за криминалистика.

„Кога во 2002. беше воведено еврото, веднаш се појавија и фалсификувани банкноти. Но, тие беа примитивни копии“. Подоцна биле развиени методи на печатење со помош на кои фалсификаторите се доближија до оригиналот. Клајнханс очекува дека нешто слично ќе се случува и со новите банкноти. „Вистинските ефекти ќе се видат дури кога во оптек ќе бидат пуштени новите банкноти во апоени од 20 и 50 евра затоа што тие најмногу се фалсификуваат“, очекува експертот.

Освен зголемената сигурност, новите банкноти треба да бидат и постабилни, не кога се работи за нивната вредност, туку за формата. Банкнотите од 5, 10, 20, 50 евра кои се најраспространети често го менуваат сопственикот. Поради тоа нивниот век на траење е меѓу една и четири години. Потоа се повлекуваат од оптек и се уништуваат. Новите банкноти се лакирани со специјален лак и тоа им го продолжува животниот век.

Falschgeld
Фалсификувана евро банкнотаФотографија: picture-alliance/dpa

Од тоа би можеле да профитираат и оние кои плаќаат во готовина на автомати, но и оние што ги произведуваат и одржуваат тие автомати. „При воведувањето на новите банкноти во апоени од 5 евра не мина сето без проблеми. На почетокот автоматите не ги препознаваа новите банкноти. Поради тоа имаше проблеми кои ги лутеа потрошувачите“, вели Арис Кашефи од германското здружение на произведувачи и оператори со автомати.

Овојпат ЕЦБ одреди подолг рок за прилагодување на автоматите.

Од друга страна, приоизведувачите и оператерите на автоматите велат дека досега немале проблем со фалсификатори. Кашефи вели дека досега во автоматите не биле уфрлени фалсификувани пари. „Тоа го знаат и фалсификаторите. Фалсификуваните банкноти се користат таму каде што исплатата се врши брзо и каде што има ограничени контроли“, вели тој.