1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова ера во Бајројт?

24 јули 2009

Во сабота на 25 јули ќе биде отворен 98 музички фестивал во германскиот град Бајројт, посветен на делата на големиот композитор Рихард Вагнер. Бајројт секоја година е магнет за политичката и културна елита во Геманија.

https://p.dw.com/p/Iw4q
Сестрите Катерина и Ева Вагнер,прва година во улога на раководителки на фестивалот.Фотографија: AP

Фестивалот во Бајројт е дефинитивно една од најголемите и најконтроверзни традиционални музички манифестации во Германија. Со баварскиот град се поврзани и бројните легенди и приказни за сплетките и кавгите меѓу наследниците на Вагнер, кои и натаму го имаат главниот збор во организацијата на фестивалот.

На отворањето на годинешниот фестивал во Бајројт, Катерина Вагнер и нејзината полусестра Ева Вагнер Паские, за првпат ќе ги поздрават почесните гости како раководителки на фестивалот. Тие ја презедоа функција од нивниот татко Волфганг Вагнер, кој долги години раководеше со можеби најеминентниот музички фестивал во Германија.

Потребно е редефинирање на фестивалот

Festspielhaus auf dem Gruenen Huegel in Bayreuth
Фестивалската сала на „Зеленото ритче“во БајројтФотографија: AP

Новиот раководен тим во Бајројт настапи со претензии на фестивалот да му даде еден нов модерен имиџ. Но, според Штефан Меш, главен уредник во магазинот „Свет на операта“, засега нема на повидок нов уметнички концепт:

„Неопходноста Бајројт да се редефинира во денешно време и натаму постои. Двете полусестри кои сега раководат со фестивалот се’ уште немале можност да предложат еден таков концепт. Тие впрочем ги потпишаа договорите пред неколку недели и се’ уште не е познато содржински во кој правец тие сакаат да одат“, вели Меш.

Идеите за детска опера како и за отворање на фестивалот за пошироката публика преку интернет и преку „паблик вјуинг“ беа многу успешни. Оваа година новитет е можноста да се ужива во фестивалските вечери одложено преку интернет подкаст.

Сестрите Вагнер имаат и други идеи: „Новите раководителки се обидуваат да инсталираат академија тука во Бајројт. Тоа досега меѓутоа е само план. На академијата треба да се негуваат таленти во пеење, но да се обучуваат и оркестарски музичари и да се подготвуваат инструменталисти за овие задачи. Тоа се планови кои досега поради финансиски причини не можеа да се реализираат“, истакнува главниот уредник на списанието „Светот на операта“.

Поголема улога за музичкото наследство на Вагнер

Richard Wagner
Рихард ВагнерФотографија: dpa

Исто така сестрите Вагнер порачаа и дека ја имаат испланирано програмата на фестивалот што се однесува до композициите и изведувачите, се` до 2015 година. Во неа се вклучени голем број врвни имиња во класичната музика. За 2013 година, кога ќе се слави двестегодишнината од раѓањето на Рихард Вагнер, планирана е нова инсценација на неговата оперска сага „Прстенот на Нибелунзите“.

Но според Штефан Меш тоа е премалку: „Посакувам неопходноста од фестивалот во Бајројт уште еднаш темелно да се дефинира. Секоја година да изведува некоја нова инсценација на делата на Вагнер, со претензии дека тоа е Вагнер во најдоброто светло не е доволно за да се води овој фестивал во иднината“, истакнува Меш, дополнувајќи дека на фестивалот во Бејројт му е потребна содржинска промена: „Посакувам во иднина поголема улога на фестивалот да игра композиторското наследство на Рихард Вагнер. Односно не само неговите дела да се поставуваат на различни начини, туку тие исто така да го отсликуваат контекстот во кој живеел и работел Вагнер и да се конфорнтираат со новите начини на слушање“.

Автор: Гудрун Штеген/ Симе Недевски/дпа

Редактор: Александра Трајковска