1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова недела, нов пораст на цените на нафтата

СН/агенции
25 октомври 2021

Двигателите на цените на пазарот на сурова нафта се исти веќе неколку недели: Додека побарувачката за енергенси ширум светот е голема, понудата е ограничена од различни причини.

https://p.dw.com/p/428Ow
Нафтена дупчалка во Саудиска Арабија, најголемиот производител на сурова нафта во светот
Нафтена дупчалка во Саудиска Арабија, најголемиот производител на сурова нафта во светотФотографија: picture-alliance/dpa/A. Haider

Цените на нафтата продолжија да растат на почетокот на новата недела и достигнаа повеќегодишни највисоки нивоа. Додека цената на нафтата од Северното Море се искачи на највисокото ниво во последните три години, цената на нафтата во САД достигна највисоко ниво во последните седум години.

Во понеделник наутро, барел (159 литри) од северноморска сорта Брент чинеше 86,22 американски долари. Тоа беше за 69 центи повеќе отколку во петокот. Цената на барел од американската сорта ВТИ порасна за 77 центи на 84,53 долари.

Со ова продолжува повеќенеделниот тренд на раст на цените на суровата нафта. Така цената на барел нафта на лондонската берза порасна и во минатата недела, седма по ред, достигнувајќи ново највисоко ниво во три години. 

Цената на еден барел нафта на лондонската берза минатата недела порасна 1 отсто, на 85,53 долари, а во еден момент достигна 86,10 долари, ново највисоко ниво во три години.

На американскиот пазар, пак, барелот поскапе 1,7 насто, на 83,76 долари, нависоко ново од октомври 2014 година.

Двигател на цените на нафтата е растот на побарувачката за нафта, но и за останатите енергенси по опоравувањето на светската економија од корона-кризата, додека најголемите производители на „црното злато“ држат релативно ограничено производство.

Цените на горивата на бензинските пумпи го следат трендот на поскапување на цените на суровата нафта
Цените на горивата на бензинските пумпи го следат трендот на поскапување на цените на суровата нафтаФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Покрај тоа, цените растат поради стравот од недостиг на јаглен и гас во Кина, Индија и во Европа, што го поттикна растот на цените на овие енергенси. Поради тоа, пак, некои производители на струја преминаа од гас на поевтините енергенси: нафта за греење и дизел.

Кина во минатата недела најави дека ќе интервенира за да го запре растот на цените на јаглен и обезбеди снабдување со струја пред почетокот на зимата.

И покрај растот на побарувачка, на почетокот на октомври Организацијата на земји-извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, предводени со Русија, се одлучија во ноември да го зголемат производството за само 400.000 барели дневно, како што се договорија летоска.

„Цените би можеле да растат и во многу куса перспектива, бидејќи вложувачите баш и немаат поттик за продажба, со оглед на глобалниот недостаток во понудата на енергенси и фактот дека ОПЕК само набљудува што се случува“, вели Луис Диксон од Ристад.

Цената на барелот на лондонската берза од почетокот на годината порасна над 50 отсто, благодарејќи на подобрувањето на побарувачката за нафта поради закрепнувањето на економиите, но и поради одржувањето на производството на ОПЕК под нивото пред пандемијата.