1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова револуција во Египет?

Фарид Фарид
21 јули 2018

Пет години по протестите и пучот со кој што беше сменет тогашниот претседател Мохамед Мурси, Египет е соочен со најголем пораст на цените за животни трошоци. Дали земјата повторно се наоѓа на раб на пропаст?

https://p.dw.com/p/30vsN
Ägyptens Wirtschafts-Krise
Фотографија: Abdelrahman Mohamed

Во обид да ја зголеми популарноста, актуелниот претседател Абдел Фатах ел-Сиси, кој беше дел од воениот пуч со кој беше сменет Мурси, постојано им ветуваше на Египќаните постабилна економија на сметка на политичката слобода која ја добија со револуцијата во јануари 2011 година. Но, зошто Египќаните сметаат дека тоа тешко се остварува?

„Што ако сме ние постабилни од Иран или Сирија?“, прашува 68-годишната Ом Хеба за ДВ додека оди да ги размени рѓосаните рингли на пазарот во центарот на Каиро. „Дали Сиси сака да умреме од глад?“ Таа добива 400 египетски фунти помош, односно околу 20 евра како помош од владината програма „Такафул и Карама" (Солидарност и гордост), но тоа не е доволно. „Тој (Сиси, н.з.) треба повеќе да се погрижи за сиромашните луѓе како нас, отколку за оние во Марина“, нагласува Ом хеба, мислејќи на популарните дестинации за одмор на северниот брег на Средоземното Море, каде одат богатите Египќани.

Преку провладините медиуми, на Египќаните постојано им се повторува да бидат трпеливи за да ги почувствуваат економските придобивки од мерките воведени од Меѓународниот монетарен фонд кои се дел од заемот од 10 милијарди евра.

Ägyptens Wirtschafts-Krise
„Дали Сиси сака да умреме од глад?“, прашува Ом Хеба покажувајќи ги своите рѓосани ринглиФотографија: Abdelrahman Mohamed

Дали сега на Египќаните им е подобро?

Сиси пред извесно време изјави дека на Египет му оди многу подобро политички и безбедносно по мобилизацијата на населението која го донесе на власт пред пет години. Но, на социјалните мрежи веднаш се појавија критики и барања за негово повлекување по последното зголемување на цените во земјата. Неговата порака не кореспондира со прашањата коишто се отвораат за негативните ефекти од владините капитални проекти. Во рамките на инфраструктурите проекти, неодамна беше направено проширување на Суецкиот канал, изградба на нов административен дел во источниот дел на Каиро и изградба на најголемата централа на јаглен во светот.

Повеќе: Египет: Нов град за новиот фараон

Дваесет и едногодишниот Омар Хани, е единствениот кој заработува во неговата фамилија преку продажба на електрични апарати на пазар. Тој мора да продаде стока вредна 1000 египетски фунти за да има заработувачка. Но, често тој едвај ги покрива само трошоците за набавка. „Искрено да ви кажам уморен сум од земјава“, вели тој за ДВ. „Многу беше подобро со поранешниот претседател Хосни Мубарак отколку сега со Сиси. Цените растат секојдневно и ситуацијата е тешка.“

Прогнозата на ММФ за Египет е оптимистичка и се вели дека екстремната сиромаштија е практично искоренета, но дека речиси една третина од брзо растечкото население сѐ уште е под границата на сиромаштија. Меѓународната финансиска институција препорачува заштита на малите приходи на семејствата како клуч за економската стабилност на Египет. ММФ сепак одби да даде коментар за ДВ во врска со овие мерки.

Ägyptens Wirtschafts-Krise
Омар Хани е единствениот кој одвај нешто заработува во неговата фамилија Фотографија: Abdelrahman Mohamed

Египет повторно на раб на немири?

Сепак, аналитичарите сѐ уште се скептични дека брзите економски реформи, базирани на штедење, се најдоброто решение за египетската економија. „Кога се случи девалвација на фунтата во ноември 2016-та, таа беше многу поголема отколку што се очекуваше, односно 18 (египетски) фунти за долар“, вели Салма Хусеин, економистка од Египетската иницијатива за човекови права.

Како пазар во развој, Египет е жешка дестинација за странските инвеститори, со резерви кои достигнуваат 44 милијарди долари, што е околу 10 милијарди долари повеќе од времето пред револуцијата во 2011 година, но структурните економски проблеми остануваат.

„Јавната дебата се вжештува поради што завршивме со поголема дупка која треба да ја премостиме. Ако на ова му се додаде и елементот на социјални немири со тоа што секој се жали на цените, тогаш и не е толку импресивно за инвеститорите“, вели Хусеин за ДВ.

Ägyptens Wirtschafts-Krise
Таха Абдел Рахма е повеќе тажен отколку лутФотографија: Abdelrahman Mohamed

Хусеин препорачува социјалните трошоци за здравство и образование да бидат приоритет на политичарите во земјата. „Многу индикатори кои беа изградени врз социоекономските диспаритети што доведоа до револуција во 2011 година покажуваат дека сега всушност е полошо. Не може да се превиди како ќе заврши“, предупредува таа.

Револуцијата потфрли

Таха Абдел Рахман, 64-годишен продавач на традиционална храна и сопственик на маркет во предградие на Каиро, исто така е песимист. „Како можете да ги зголемите цените на бензинот, електричната енергија и водата одеднаш? Тоа треба да се прави постепено. Барем платите треба да бидат пропорционални или луѓето ќе полудат." Тој морал да ги зголеми платите за вработените во неговата мала продавница откако цените за јавен превоз тројно се зголемија во изминатите три години.

„Повеќе сум тажен отколу лут кога плаќам сметки деновиве, бидејќи веќе нема паритет во цените. Властите мора повеќе да водат сметка за контрола на растот на цените“, додава тој. „Имав многу надеж и верба по револуцијата, но сега мислам дека таа потфрли. Сѐ е едно големо разочарување.“