1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова рекордна невработеност во еврозоната

СН/ЕМФ/дпа/афп2 април 2013

Во февруари годинава, невработеноста во 17 земји-членки на Еврогрупата достигнала нова рекордна вредност. Аналитичарите предупредуваат дека ситуацијата најверојатно ќе се влошува.

https://p.dw.com/p/1887B
Фотографија: AP

Деветнаесет милиони луѓе во земјите од еврозоната во февруари годинава биле без работа, што е досега највисо број на невработени од воведувањето на заедничката европска валута во 2002 година. Стапката на невработеност достигнала рекордна вредност од 12 проценти, соопшти денеска Европската статистичка агенција Евростат во Луксембург.

Состојбата во јужноевропските земји зафатени од должничката криза и натаму е исклучително тешка. Во Грција и во Шпанија, според Евростат, се забележани стапки на невработеност поголеми од 26 проценти. По овие две земји следува Португалија со стапка на невработеност преку 17 проценти.

„Трагедија за Европа“

„Вакви неприфатливо високи стапки на невработеност се трагедија за Европа“, изјави портпаролката на еврокомесарот за труд Ласло Андор, порачувајќи: „Европа мора да ги мобилизира сите расположливи ресурси за создавање на работни места, а помош им е посебно потребна на младите луѓе’.

Според податоците на Евростат, стапката на невработеност кај лицата помлади од 25 години во еврозоната во февруари изнесувала 23,9 проценти. Земји со највисока стапка на невработеност кај младите се Шпанија, Грција, Португалија и Италија. Коментирајќи ги најновите податоци аналитичарите, кои ги консултираа светските новински агенции, предупредуваат дека ситуацијата најверојатно ќе се влошува се’ додека должничката криза го разјадува стопанството во еврозоната.

Инаку, земји со најниска стапка на невработеност во Еврогрупата се Австрија со 4,8 и Германија со 5,4 проценти. Методологијата на пресметување на Евростат делумно се разликува од онаа на Сојузната агенција за вработување во Нирнберг, која за февруари годинава објави дека стапката на невработеност во Германија изнесува 7,4 проценти.