1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова сезона на нашиот политички трилер

Тони Поповски
13 ноември 2021

Независен набљудувач би имал дилема кого повеќе да сожалува, позицијата поради заплетот во кој се најде, или опозицијата поради потенцијалниот расплет, иако најмногу за жалење е народот. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/42x2u
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Има неколку меркантелистичко (трговски) и макијавелистички (целта ги оправдува средствата) начела кои се политички бесмртни и ги живееме деновиве. Првото, дека во политиката сѐ е контингентно и подложно на преговори. Второто, дека политичката прагма е секогаш посилна од идеологијата. И третото, дека во политиката има политички морал кој е многу порастеглив од оној кој го дефинираат личните, па и верските убедувања. Проблем со третово начело е можна реакција на пошироката јавност, доколку политичкиот морал премногу се растегне. А растегнат е поприлично деновиве, кај сите актери во трилеров, без исклучок.

Кафеавата мечка во обид да ја освои територијата на белата мечка

Мотивот да се однесе ДУИ во опозиција е силен, не само кај Албанците – поддржувачи на опозицијата, туку и кај мнозинството Македонци. Кај вторите, тој мотив успешно го артикулира ВМРО-ДПМНЕ, а особено Левица, но ДУИ во опозиција може да го однесе само гласот на Албанците. БЕСА или Алтернатива (бидејќи се политички спротивставени), и Алијансата на Албанците, не се утилитарно неопходни на ВМРО-ДПМНЕ доколку го немаат политичкиот капитал на ДУИ. Политичкиот трилер во кој сите се „добри момци“, до наредните собраниски избори, било вонредни или редовни, може да се претвори во политичка мелодрама за опозицијата во албанскиот камп. ВМРО-ДПМНЕ, доколку победи, најверојатно ќе избегне отворање на фронт со „политичкиот албански народ“ на ДУИ, покрај фронтот кој извесно ќе го продлабочи со Бугарија и ќе го реотвори со Грција. Премногу фронтови, отворени наеднаш, не би биле од полза за здравјето и времетраењето на оваа гарнитура на Револуционерната организација. Во оваа хипотетичка мелодрама, автентичните револуционери од Левица ќе ја доиграат епизодната улога, но со исплатен политички хонорар во покачен рејтинг, и со надеж дека во некој нареден изборен циклус ќе го капитализираат.

Пратеникот Снопче, моралната супстанца за обединување во рушење на ДУИ (топтан со СДСМ и сите други во коалицијата) ја нарече „конјунктура“. Толковно „конјунктура“ е збир на поволни околности. Но, албанските опозиционери подзабораваат дека сѐ сe менува (Хераклит), вклучувајќи ги и околностите. Конјунктурен сојуз може да заврши како еднократно дејство (видовме во Собранието) доколку партнерите во опозицијата не создадат поголем идеолошки и вредносен пресек на политичките кружници, кој би бил одржлив само ако е поумерен и прифатлив за поголем дел од „политичките народи“ во Републиката, а особено за клучните меѓународни фактори. Секако, дел од пресекот, внатрешно, а помалку револуционерно (на големо разочарување на востанатите следбеници и МАНУ), би можел да го обезбеди ВМРО-ДПМНЕ, проследена со споделување на моќта и привилегиите и повремено, креативно зголемување на правата на Албанците.

Тешко се бега од мирисот на запалената пура на Фидел

Левица нема отворено да пристапи кон прозападен фејс-лифтинг на партнерите во опозицијата, бидејќи тој чин ќе биде идентичен на себезадушување со кубанска пура. Притоа, доколку опозицијата ги добие наредните собраниски избори, партијата нема да исклучи давање на идеолошки обусловена, собраниска поддршка за малцинска влада. Но, се виде и деновиве дека второво е нестабилна и ризична опција за ВМРО-ДПМНЕ.

Тргувањето со политичката прагма (привилегии за елитата и клиентелата) за краткотрајната виртуелна реалност и емоционална терапија испорачана низ востаничката реторика на предизборието, може да им успее на ВМРО-ДПМНЕ и албанските партнери од опозицијата, но Левица е потврдокорна, или барем така се претставува. Ова е втората причина, поради која, Револуционерната организација ако сака стабилна идна Влада, ќе мора да соработува со ДУИ и да се држи на страна од Левица. Во едно такво сценарио, Левица ќе најде утеха во дополнително нараснат број на приврзаници и реалоциран гнев кон новиот естаблишмент.

Претходни колумни од авторот:Од реторички заложби до конкретна акција за „озеленување“ на политиките и буџетот

Европска дијагностика на наши политики, со препорачана терапија

За емоционалното во политичкиот натпревар и следствено во победите и поразите

Понуда за сите „политички народи“ во Републиката

Тековнава Влада, дури и окрупнета, поради тешките предизвици со кои е соочена, може лесно да „искрвари“. И покрај пресретнувањето на обидот да биде срушена, сериозниот пораз на СДСМ на локалните избори, сѐ уште бара сериозен, ситуационо изнуден одговор. Неопходни се внатрешно болни, но истовремено ефектни потези за консолидација и ревитализација на политичката доверба на избирачите во понудата на СДСМ. Секако, доколку партијата извлече поука и поработи на внатрешно помирување и стабилизирање, но и реконструкција на односите со „независните“ и во моментов апатични, поранешни поддржувачи. Доколку нема време, доволно волја и капацитет за второто, СДСМ треба да се воздржи од попречување на евентуално создавање на нова обединувачка партија или движење на „независните“, барем за почеток како умерен, но критичен пандан на радикалната Левица во постојан подем. Сепак, покрај 50-тина илјади лица кои се определија за независна (еколошко – урбана) понуда на локалните избори, има цирка 100.000 поддржувачи на суштински реформски политики, кои беа проактивни, но се пасивизираа. Овој „народ“ заслужува понуда која ќе овозможи артикулирање на потребите на сите „политички народи“ во Републиката и следствено враќање на нарушениот политички еквилибриум, кој во моментов е во полза на опозицијата.

Трите македонски тековни драми

Блокадата од источниот сосед, која е дел од сижето за политичкиов трилер кај нас, пролонгираната пандемија со повеќекратни здравствени и социо-економски последици и енергетската криза, се трите наши драми, предизвикани од фактори врз кои имаме сѐ помало влијание. Умен народ би направил порешителен притисок на политичарите да подзаборават на пресметките и да се обединат во барање на излезни решенија од повеќекратна криза, која создава секојдневни големи последици врз сите нас. Во суштина, не ни е потребен чекор назад во иднината, ниту чекор напред во минатото, туку потребен ни е заеднички, одржлив и отпорен чекор напред во иднината.

Широките коалиции се докажан механизам во напредни западни демократии, со кој се адресираат крупни и долготрајни стратешки предизвици и кризи, но за жал, ние не изградивме напреден западно-демократски менталитет кој обезбедува внатрешна стабилност и просперитет за сите, а не само за сопствениот „политички народ“. Ние сме само донекаде идеолошки, а многу повеќе клиентелистички поларизирани, претерано емоционални и непрактични. Кај нас широка коалиција „не вирее“ бидејќи нема плодна ментална почва, ниту соодветен морал, а доказ се „Пржинските“ преодни влади кои беа повеќе карикатура на владеење отколку вистински функционален механизам за водење на суштински процеси. Оттаму и мојот песимизам дека преку ноќ ќе матурираме.

Независен набљудувач би имал дилема кого повеќе да сожалува, позицијата поради заплетот во кој се најде или опозицијата поради потенцијалниот расплет и акробатиките кои треба да ги направи за некое идно составување влада, иако најмногу за жалење е народот.