1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новинарите на А1 повторно пред владата

15 февруари 2011

Повторната блокада на сметката на А1 ги испровоцира новинарите од телевизијата повторно да излезат пред владата и дополнително го проблематизира политичкиот дијалог во земјата.

https://p.dw.com/p/R10X
Програмата на А1 повторно од пред платото пред зградата на владатаФотографија: Petr Stojanovski

Опозициската СДСМ го осуди чинот и повторно го врати на маса старо-новиот предуслов за продолжување на дијалогот, обезбедување на услови за непречено функционирање на медиумите. Ваквиот развој, според експертите, дополнително ја компликува политичката состојба во земјата и покажува дека политичките партии не се на висина на задачата која што треба да ја имаат, коментира за Дојче Веле универзитетскиот професор Татјана Каракамишева:

„Политичките партии покажуваат знаци на политичка неодговорност, па дури и на детско инаетење при што го немаат во предвид националниот интерес на државата, туку едноставно се закопани во сопствените и партиски интереси, без притоа да ја видат големата слика, Република Македонија. Доколку ваквиот тренд на инаетење не престане и ако не се оствари политичкиот дијалог, за кој постојано се критикува од страна на меѓународната заедница, мислам дека на Македонија во блиска иднина не и‘ се пишува розово“, предупредува Каракамишева. Излезот таа го гледа единствено преку преговори на заедничка маса:

Die mazedonische Polizei und eine Journalistin
Фотографија: Petr Stojanovski

„Мислам дека е крајно време политичките партии кои се најодговорни за остварување на политиката во Македонија да почнат посериозно да ја сфаќаат политиката и конечно да седнат на заедничка маса и да ги решат проблемите, а не да се препукуваат постојано преку медиумите и да глумат дека се некакви жртви на она што го прави власта. Значи, опозицијата и власта треба да седнат заедно на маса зашто дефинитивно влогот е Македонија, не е влогот ниту СДСМ, ниту ВМРО ДПМНЕ, туку Македонија“, вели Каракамишева.

Новинарите повторно пред владата

За уредувачкиот тим на А1 одлуката вестите на телевизијата од синоќа повторно да се емитуваат пред зградата на владата во Скопје бил логичен потег во услови на атмосфера во која не владеело правото, туку законот на посилниот. Демократијата нема алтернатива, а пред владата ќе останат се‘ додека не се дозволи нормално функционирање на телевизијата, изјави за Дојче веле главниот и одговорен уредник на А1, Младен Чадиковски:

„Сега остануваме тука до понатаму, додека не видиме што ќе се случи не само со сметката, туку со цел еден корпус на случувања што се поврзани околу А1, бидејќи се покажа дека сметката не е единствениот притисок што се врши врз А1, меѓутоа тој беше најрадикалниот. На тоа одговоривме како што одговоривме и продолжуваме во ист стил“, изјави Чадиковски.

Според одлуката на истражниот судија, сметката на А1 и уште девет фирми од „Перо Наков“ б.б. кои се предмет на истрага во случајот „Пајажина“, повторно се блокирани (14.02.2011), но овој пат за сума од три милиони евра.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи