1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

050411 Hannover Messe Energie

9 април 2011

На индустрискиот саем во Хановер многубројни претпријатија и годинава ги претставија своите иновации за обновливите енергии.Бројот на излагачи во оваа област на саемот кој заврши вчера (08.04.2011) беше поголем од лани.

https://p.dw.com/p/10o5O
Фотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Час дува силен ветер, час е мирно, час грее сонце, чaс е облачно - производителите на струја од обновливи извори мораат да совладаат одредени проблеми, оти потрошувачите очекуваат постојано и сигурно снабдување со електрична енергија. За да се најде решение за овие проблеми, германското Сојузно министерство за стопанство иницира пилот-проекти во шест региони, кои служат како модел. На саемот во Хановер Фраунхофер-институтот за енергија на ветрот и за системска енергетска техника го претстави регенеративниот модел- регион Харц. „Сега сакаме да покажеме дека со обновливи енергии не само што може да се стави на располагање доволно енергија, туку и дека таа може да се гарантира во однос на фреквенцијата и напонот“, вели Курт Рорих, заменик-раководител на институтот.Неговиот соработник Флоријан Шлегл дополнува:

„Ние меѓусебно комбинираме различни производители и од многу мали постројки формираме една виртуелна централа“.

Во таа комбинирана електрана се меѓусебно поврзани парк од ветерници, две топлани и две постројки на био-гас, кои се вклучуваат по потреба. Проектот се одвива веќе две години.

„Пред нас е предизвикот да бидеме прифатени од дистрибутерите на електрична енергија, дека и обновливите енергии можат да дадат придонес за пазарот и да бидат конкурентни“, истакнува Курт Рорих.

Ветерница со перки долги 50 метри

Hannover Messe Stand Enercon
Фотографија: AP

На модел-регионот Харц, покрај Фраунхофер-институтот, учествуваат и различни претпријатија. „Сименс“, на пример, се грижи за размена на информации меѓу постројките што произведуваат енергија и виртуелната електрана. Дел од проектот е и водечкиот германски производителот на ветерници „Енеркон“, кој на саемот прикажува еден нов прототип, ветерница со перки долги 50 метри , погодна за средно силен ветер. Свои прототипи за подземно акумулирање енергија добиена од ветер, креирани во соработка со институтот „Фраунхофер“, изложуваше и фирмата „Соларфјуел“. Принципот го објаснува Штефан Рике:

„Една од можностите е со добиената енергија од ветeрот да произведеме водород, кој потоа ќе го претвориме во метан со помош на јаглероден диоксид од сопствен биоген извор, како на пример биогас. Така добиениот метан го нарекуваме обновлив“.

Метанот потоа се сместува во огромни подземни празни простори. Кога ќе нема ветер, од метанот повторно може да се добие струја, а тој може и директно да се користи како гориво за погон на автомобили. Маана на методот е што при трансформацијата од ветер во гас се губат до 40 проценти од енергијата, односно нешто помалку ако се користи топлината што настанува притоа. Но, подобро и тоа, отколку да се запрат ветерниците при силен ветер.

Во очекување на поголеми инвестиции

Во секој случај, пазарот во комплексот на обновливи енергии има иднина. Уште пред катастрофата во атомската централа во Фукушима, Сојузното здружение на обновливи енергии направи студија од која, како што вели раководителот на Здружението Бјерн Клусман, произлегува дека ...

„... годинава ќе бидат инвестирани 4,5 милијарди евра во нови капацитети за производство на постројки а милијарди ќе бидат вложени и во истражувања и развој. Тежишна е областа на електрична енергија, каде настануваат нови фабрики за произвдство на перки за ротори, генератори и постројки за енергија на ветрот. Во соларната област се отвораат нови капацитети во Германија, откаде постројки одат на светскиот пазар“.

Откако во германската политика „се смени ветерот“, и ако се форсира напуштање на користењето на атомска енергија, тогаш според негово мислење, инвестициите ќе бидат уште повисоки.

Автор:Инза Вреде / Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски