1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новите пакувања ќе донесат нови цени?

13 април 2009

Чоколадо во пакување од 90 грама, млеко од 850 милилитри - ЕУ ги укина одредбите за големината на пакувањето на производите. Целата е прилагодување кон потребите на потрошувачите, но се стравува од прикриени поскапувања.

https://p.dw.com/p/HVgW
Фотографија: Bilderbox

Укинувањето на единствената големина на пакување за одредени производи, на производителите им отвора можност за иновации и идеи, а со тоа индустријата може пофлексибилно да одговори на потребите на потрошувачите. На пример, едно семејство може да избере да си купи поголемо пакување од некој производ, а друго да се реши за помалото пакување. Вака ја аргументираат најновата одлука земјите членки на ЕУ и индустријата. Исто така се тврди дека на овој начин се отстрануваат и многу трговски пречки за увоз и извоз.

Lebensmittelpreise in Deutschland steigen
Фотографија: AP

Повеќе работа за пазарната инспекција

Новиот начин на пакување за потрошувачите значи дека во иднина би требало повеќе да внимаваат при купување, предупредуваат експертите. Во продавниците и понатаму покрај цените за спакуван производ мора да биде наведена неговата цена по килограм или сто грама, за потрошувачите да можат лесно да ја направат споредбата. Надлежните министерства во земјите членки во ЕУ сметаат дека ова нема да предизвика хаос во продавниците. Но, здруженијата за заштита на потрошувачите стравуваат дека производителите ќе ги искористат новите правила за прикриено да ги зголемат цените. Односно, цената на еден производ ќе остане иста, но пакувањето ќе биде помало. Тие исто така предупредуваат дека новите правила ќе значат повеќе работа за ионака преоптоварените пазарни инспектори.

Новите одредби за слободно утврдување на големината на пакувањата пред се’ се однесуваат на пиво, млеко, минерална вода, сокови, шеќер, чоколадо и какао.

Автор: Ален Леговиќ/Невена Георгиевски

Редактор: Невена Георгиевски