1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови ЕУ-правила за заштита на личните податоци на интернет

26 јануари 2012

Европската комисија прави промени во заштитата на податоците, вклучувајќи го и „правото да се биде заборавен“, како и 24-часовната обврска за информирање за злоупотребата. Промените ќе влијаат на онлајн индустријата.

https://p.dw.com/p/13q1C
Новата директива треба да ја зголеми заштитата од злоупотреба на личните податоциФотографија: Fotolia/Pedro Nunes

Поострите правила за заштита на податоците што доаѓаат од ЕУ ќе имаат импликации и на веб гигантите како Гугл или Фејсбук. Во средата (25.01.) Европската комисија предложи менување на директивата од 1995-та година за заштита на личните податоци.

Предложената легислатива, со две нови правила и потврда на постоечките, ќе донесе големи промени во начинот на кој луѓето го користат интернетот. Стотици милиони луѓе сега се пријавуваат на социјални мрежи како Фејсбук или ЛинкдИн, како и на компјутерски сервиси што ги зачувуваат податоците на сервери надвор од унијата на 27 нации, а до нив има пристап каде и да било.

Спорни прашања

Viktor Mayer-Schönberger
Виктор Мајер Шенбергер бараше слични мерки во своја книга објавена во 2009 годинаФотографија: picture-alliance/Frank May

Се’ уште прашањата за тоа кој ги поседува податоците, како треба да се користат и за колкав период, остануваат спорни меѓу корисниците, интернет компаниите и регулаторите.

„Не сум изненаден од дискусиите околу предлогот“, изјави за Дојче веле Виктор Мајер Шенбергер, професор на Оксфордскиот интернет институт. „За да се стават работите во перпектива, беа потребни многу години со директивата за заштита на податоците од 90-тите години, како и конкретен напор од германското претседателство со ЕУ, за тоа да се истурка. Дебатата тогаш беше многу поспорна отколку што е сега“, вели професорот Виктор Мајер Шенбергер.

Viviane Reding
Вивиен Рединг ги откри промените во регулативата во понеделникот (23.01)Фотографија: picture-alliance/dpa

„Нам ни‘ треба поединците да можат да си ги контролираат нивните информации“, рече комесарката за правда Вивиен Рединг пред индустриските лидери на конференција што се одржа во понеделникот (23.01) во Минхен. Рединг додаде дека потрошувачите ќе им ги доверат на компаниите своите податоци само ако знаат дека се заштитени. Еврокомесарката нагласи и дека е потребно да се поедностави сегашниот европски систем за заштита на личните податоци, приговарајќи дека тој е премногу комплексен и дека чини многу пари. Таа процени дека бизнисот има дополнителни трошоци од 2,3 милијарди евра годишно поради противречните закони.

Добро за корисниците

Новиот закон им ветува на корисниците опции како „правото да се биде заборавен“ и „преносливост на податоци“. Додека едната опција им дозволува да побараат нивните информации да бидат избришани, другата им олеснува да ги префрлат нивните податоци каде било, на пример да ги пренесат од Фејсбук на ЛинкдИн. Првата опција значи дека кога некој корисник ќе сака да избрише некоја објава или фотографии од социјална мрежа, тогаш и компанијата ќе треба да ги избрише нив од својата база на податоци. На корисниците исто така ќе им биде даден полесен пристап до податоците чувани за нив.

„Ова ќе биде голем чекор напред кон тоа да се има силни власти за заштита на личните податоци со силна моќ, применувајќи унифициран закон. Тоа е добро за корисниците“, вели Џо МекНејми, правен координатор во „Европските дигитални права“ во Брисел.

Од компаниите ќе биде побарано во нормални околности да откријат нарушување на сигурноста во рок од 24 часа. Ова правило од некои експерти е толкувано како реакција на случајот со „Сони Плеј Стејшн“ од април минатата година, кога на јапонскиот електронски гигант му требаа неколку денови за да информира милиони од своите корисници дека нивните податоци можеби се во опасност.

Компаниите ќе се соочат со казна од еден до четири проценти од нивните глобални приходи за прекршување на правилата на ЕУ. Се водеа разговори и за глоба висока и до 5 проценти.

Процесот на менување на законодавството за заштита на податоците може да трае меѓу две и три години, пред предлог законот да стане законско решение. За сегашната директива, ратификувана во 1995, беа потребни три години пред земјите членки да го применат законот во нивните правни системи. МекХејми предупредува дека никој не треба веднаш да го запира здивот.

„Не се случува често некоја предлог директива да не добие амандмани во некоја мерка. Така што, таа нема да биде одобрена како што е. Прашањето е – што ќе биде променето со амандмани“, вели МекХејми.

Автор: Џон Блау / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска