1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ungleichgewichte

16 март 2010

Наспроти светската економска криза, кинеското стопанство бележи стабилен пораст, а исто така расте и извозот на НР Кина. Деновиве се’ почесто се слушаат барања за зголемување на вредноста на кинеската национална валута.

https://p.dw.com/p/MTdR
Американците и Кинезите држат важни карти за светската економијаФотографија: AP

Тоа што Американците живеат преку нивните реални можности со години претставуваше модел за светскиот стопански подем. САД имено увезуваат огромни количества производи од Кина и при тоа се задолжуваат. Кинезите, пак, извезуваат внимателно и со заработените девизи купуваат американски државни обврзници и со тоа ги финансираат американските долгови. Така со тек на време САД станаа најголем светски должник, а Кинезите најголем светски доверител.

Дека таквиот модел не може да функционира на долг рок, тоа им беше одамна јасно на повеќемина експерти. Тоа што Американците имаат огромен трговски дефицит и уште поголем државен долг, тоа може да биде причина за нова голема економска криза во целиот свет, предупредуваа познавачите. „Добивме светска економска криза, што произлезе од финансискиот сектор, имено од кредитниот меур на американскиот пазар на недвижнини. Но, јасно е дека светот со вакви големи дисбаланси е поподложен на економски кризи со домино-ефект,“ појаснува експертот Јакоб фон Вајцзекер, од Бриселскиот тинк-тенк „Бригел“.

Containerterminal im Hafen von Qingdao
Терминал за претовар на контејнери во кинеското пристаниште ЧингдаоФотографија: picture-alliance/ dpa

Посебно засегнати земјите извознички

Ваквиот домино ефект ги погодува посебно силно земјите-извознички, како што се Германија и Кина. Така минатата година германското стопанство во екот на светската економска криза забележа пад на производството од цели 5%. Причините се сепак различни, оценува експертот Јакоб фон Вајцзекер. Така зад политиката на кинеското раководство за засилен извоз се крие намерата: „... што е можно побрзо да се активираат во производните дејности широките маси кинеско население, кои се многу сиромашни. Производите при тоа треба да се извезуваат...“

Засилување на внатрешната побарувачка

Кинезите згора на тоа се и многу штедливи, што ја намалува внатрешната побарувачка и го тера стопанството на уште поголема извозна ориентација. Препораката на експертите, како за Кина, така и за Германија, е да се зголеми внатрешната потрошувачка и со тоа да се намали зависноста од извозот. Тоа би можело да се постигне и со зголемувањето на курсот на кинеската валута, но на таа идеја доаѓаат различни реакции од Пекинг. Неодамна шефот на Централната банка, Жу Џиаочуан, упати сигнали дека таков чекор би можел да уследи. Но, премиерот Вен Џијабао подоцна решително се спротистави на ваквиот предлог, кој се слушна и од Вашингтон и повеќе европски метрополи.

China Dossierbild zu China 5 Jahre in der WTO Bild 3
Кинески автомобили за извоз во пристаништето на ШангајФотографија: AP

Експертот Кристијан Кастроп има поинаков предлог за излез од ваквата ситуација: „Кина би требало да стане полноправен член на меѓународниот девизен систем, тоа е многу важно за земја со таков голем економски потенцијал.“

Автор: Жанг Данхонг/Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска