1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови заложници во Авганистан

28 септември 2007

Се‘ уште нема прецизни информации за судбината на четворицата соработници на Меѓународниот Комитет на Црвениот Крст, кои вчера исчезнаа во Авганистан.

https://p.dw.com/p/Bkt3
Претседателот на Меѓународниот комитет на црвениот крст, Јакоб КеленбергерФотографија: picture-alliance/ dpa

Тие беа во мисија за преземање на германскиот инжењер Рудолф Б. кој веќе два месеца е во заложништво. Киднаперите меѓутоа не се појавија на договореното место за испорака, а кусо потоа беше прекинат и контактот со соработниците на Меѓународниот комитет, меѓу кои се наоѓа и еден македонски граѓанин.

„Се обидуваме да издејствуваме ослободување на нашите соработници„ , изјави денеска портпаролот на Меѓународниот комитет на црвениот крст, Грациела Пиколо. Таа потврди дека четворицата соработници што биле во мисија за ослободување на германскиот инжењер Рудолф Б. се по потекло од Македонија, Мијанмар и од Авганистан. Претставникот на Црвениот крст во Авганистан Марсал Изар изјави:

“Овие четири лица беа на пат да го ослободат германскиот заложник и уште петмина негови локални соработници од Авганистан. Меѓутоа акцијата не успеа и подоцна го изгубивме контактот со нив.“

Според доверливи извори тие се обиделе да го превземат од киднаперите германскиот заложник, кој веќе се наоѓал на пат кон договореното место за примопредавање. Но, на само 800 метри од местото, конвојот со заложникот свртел назад кон планините, по што и соработниците на Црвениот крст се обиделе што е можно побрзо да се вратат во базата во Кабул. По кусо време дошло до прекин на врската, бидејќи биле пресретнати и киднапирани. Гувернерот на покраината Вардак изјави дека посредници веќе стапиле во контакт со грабнувачите на четворицата соработници на Црвениот крст. Тие веројатно им припаѓаат на Талибанските бунтовнички сили. По барање на Меѓународниот комитет за црвен крст исклучена е можноста од насилно ослободување на неговите соработници. “Проблемот мора да биде решен преку посредување на племенските старешини“ - порача гувернерот на покраината Анајатулах Мангал.

Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер, кој моментално се наоѓа во Њујорк поради Генералното собрание на ОН, изјави дека нема намера да коментира никакви детали околу акцијата за ослободување на инжењерот Рудолф Б.

“На германскиот граѓанин кој е киднапиран не му помага ништо ако соопштуваме детали или потврдуваме и негираме одредени информации што се слушаат во Авганистан. Остануваме во тесен контакт со кризниот штаб во Германија и со авганистанските сили за безбедност и се надеваме дека на крајот ќе имаме успех“ - нагласи Штајнмајер.

И претставник на македонското Министерството за надворешни работи утринава не сакаше да коментира пошироко и да соопштува повеќе детали во јавноста – во интерес на безбедноста на грабнатите и нивното поскорешно ослободување.