1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови избори во Грузија – излез од кризата?

9 ноември 2007

Грузискиот Претседател Михаил Саакашвили распиша предвремени претседателски избори за 5. јануари. Во образложението тој порача дека со тоа сака да и‘ даде шанса на опозицијата која со денови демонстрираше против него.

https://p.dw.com/p/C5qQ
Михаил Саакашвили, Претседател на ГрузијаФотографија: picture alliance/dpa

Грузиските опозиционери му префрлаат на претседателот дека има авторитарен стил на раководење и дека потфрлил во борбата против сиромаштијата во земјата. Естер Хартбрих испрати извештај на оваа тема.

Мандатот на Михаил Саакашвили трае всушност до јануари 2009-та. Но, изборите за нов претседател на Грузија требаше да се одржат идната есен, заедно со одложените парламентарни избори. Вчера Саакашвили на државната ТВ најави не само поместување на претседателските избори за јануари 2008-та, туку и референдум за тоа дали и парламентарните избори треба да се одржат веќе на пролет, а не како што претходно беше планирано дури на есен.

Со барањето на опозицијата за свикување парламентарни избори за на пролет почна и бранот протести, што во средата заврши со акција на грузиската полиција. Таа примени сила за да ги разбие мирните демонстрации на опозицијата, при што имаше повеќе од 500 повредени. Потоа Саакашвили прогласи вонредна состојба во целата земја, а училиштата и универзитетите беа затворени се‘ до понеделник. Приватните медиуми мораа да престанат да емитуваат програма, така што единствен извор на информации остана државната телевизија. Денеска се очекува да заседава парламентот, во чија надлежност спаѓа одобрувањето на вонредната состојба.

Претседателот Саакашвили ја образложи драстичната мерка со наводен обид за пуч зад кој стојат руските тајни служби. Тој најави и протерување на тројца руски дипломати. Портпаролот на Министерството за надворешни работи во Москва, Михаил Каминин најави противмерки.

„Штотуку заврши средбата на рускиот заменик министер за надворешни работи со амбасадорот на Грузија, кому му беше објаснето дека Руската Федерација како одговор ќе прогласи тројца високи грузиски дипломати за персона нон грата. Решително ги отфрливме тврдењата за мешање во внатрешните работи на Грузија. Тоа е само обид да се скрие сопствената беспомошност„ – порача Каминин.

НАТО, ЕУ и ОБСЕ го критикуваа воведувањето вонредна состојба и побараа од грузиската влада да воспостави дијалог со опозицијата.