1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови „искри“ меѓу синдикатот на новинари и власта во Македонија

З.Јордановски/макфакс4 февруари 2013

ССНМ до премиерот Груевски: Се извинуваме за секое ненарачано прашање. ВМРО ДПМНЕ: Дел од новинарите повеќе личат на партија, отколку на синдикат.

https://p.dw.com/p/17Y0g
Фотографија: Fotolia/picsfive

Синдикатот на новинарите и медиумските работници (ССНМ) организира акција на поднесување писмени извинувања до Собранието и Владата. Првата група извинувања е веќе испратена, велат од ССНМ. Освен пишаните, од синдикатот упатија и усно извинување до премиерот Никола Груевски и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

„Се извинуваме за секое ненарачано и нетематско прашање што би можеле да го поставиме на тематска прес-конференција, затоа што доаѓаме на време на прес-конференции, затоа што Македонија падна на најниското ниво според медиумските слободи и лично ќе се вложиме Македонија да се повлече од какви било листи за мерење на слободата на печатот и од сите анкети за кои сме известувале, или ненамерно би можеле да известуваме, а во кои Македонија не е во позитивен контект и за секое сторено и идно прегрешение – волно и неволно“, изјави претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис на адреса на премиерот Груевски.

Новинарите „се извинија“ и за „наводните“ инциденти од 24-ти декември. Од Синдикатот на новинарите и медиумските работници изјавија дека се решиле да покренат акција за извинување „заради зголемената побарувачка на извинувања“.

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje
Отстранување на новинарите од Парламентот, архиваФотографија: MAKFAX

ВМРО ДПМНЕ реагира: Пресметка со Вељаноски и Груевски

На акцијата на ССНМ реагираше владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Според оваа партија, дел од новинарите во име на СДСМ се пресметувале со Вељаноски и Груевски и повеќе личеле на партија отколку на синдикат.

„Овие луѓе денес ја покажаа својата опседнатост од политиките на Бранко Црвенковски. Тие покажаа дека најмалку можат да се повикуваат во името на независни новинари. ВМРО-ДПМНЕ како партија ги поздравува оние на кои политиката им е очигледно подрага отколку новинарската професија и им порачуваме да соберат потписи, со кои ќе формираат политичка партија со која ќе настапат на избори, за да си го видат својот личен углед и авторитет помеѓу народот“, се вели во писмената реакција на владејачката партија.