1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови руски санкции за Западот

Александар Методијев/афп/ројтерс11 септември 2014

Москва воведе нови санкции против Западот со кои е погоден увозот на половни автомобили и и други стоки, објави советник на рускиот претседател Путин. Одлуката е реакција на договорените санкции од ЕУ.

https://p.dw.com/p/1DAWu
Фотографија: imago/Rainer Unkel

„Колку што знам, Министерството за економски развој се договори да состави листа на стоки. Имаме бројни неземјоделски производи каде нашите партнери, посебно Европа, зависат од Русија повеќе отколку што Русија зависи од нив“, изјави Андреј Белоусов за новинската агенција „РИА Новости“.

Ваквата реакција следува откако лидерите во ЕУ се договорија да воведат пакет санкции наменети за Русија до крајот на неделава, како реакција на московската политика во однос на Украина.

Белоусов додаде дека освен забрана за увоз на користени автомобили ќе има забрана и за стоки од лесната индустрија, како на пример одредени видови на текстил. Советникот на Путин рече дека владата ќе ги помогне компаниите кои ќе бидат погодени од санкциите. „Работиме на методите за поддршка. Таа секако дека ќе биде обезбедена“, рече Белоусов.

Русија прави чекори за заштита на сопствената економија откако ЕУ и САД воведоа санкции наменети за функционери, банки и компании поради руската поддршка на проруските сепаратисти во источна Украина, нешто што официјална Москва го негира.

Според најавите од Брисел, официјално новите санкции од ЕУ за Русија ќе стапат на сила утре, но претходно ќе бидат уште еднаш разгледани низ призмата на прогресот околу примирјето во Украина. Рестриктивните мерки официјално беа договорени во понеделникот (08.09.), но амбасадорите од ЕУ уште еднаш разговараа за нив, поради стравот дека тие би можеле да го нарушат кршливото примирје во Украина.